Фото: Shutterstock.com

115 од вкупно 120 пратеници биле присутни на најмалку еден социјален медиуми во 2022 година. Претседателот Стево Пендаровски во целост бил онлајн, додека Владата ја заврши минатата година со 20 од вкупно 21 министер кои биле онлајн на најмалку еден социјален медиум. Бројот на активни градоначалници на социјалните медиуми останува непроменет во однос на 2021 година и изнесува 80 од вкупно 81.

Сепак, политичарите и јавните институции како полека да забораваат дека нивното активно присуство на социјалните медиуми е важен сегмент од транспарентноста и отчетноста кои се нераскинлив дел од принципот на добро управување. Токму изложувањето на властите и институциите на коментарите, критиките и мислењата на граѓаните преку ваквите дигитални алатки треба сериозно да се земе како уште еден фактор за тоа дали тие се вистински подготвени да се справат со корупцијата, клиентелизмот и одлучувањето само во тесни партиски кругови, покажа редовната годишна Анализа на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).

За потребите на Институтот анализата ја изработи комуникологот Бојан Кордалов, а активно беа вклучени и Ангела Петкова, Николина Стојановска и Каролина Ѓурковска – студентки од втора година на отсекот „Односи со јавност“ при Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје.

„Властите и политичарите и на централно и на локално ниво веќе втора година зборуваат колку многу се залагаат за дигиталната трансформација на општеството. Меѓутоа, во овој сегмент на можност за дигитална комуникација со граѓаните и медиумите и нудење на квалитетни и брзи онлајн услуги во голема мера потфрлија. Сведочиме на еднонасочна комуникација, пад на институциите како активни корисници на дигиталните алатки, а за квалитетот на содржините не може да стане збор бидејќи тие во огромен број се претворени во класични политички гласила каде речиси целиот фокус е ставен на политичарите и нивните агенди, наместо на потребите на граѓаните“, вели Бојан Кордалов, комуниколог и автор на оваа Анализа изработена за потребите на ИДУЕП.

Претседател

Кај Претседателот на Републиката, Анализата покажува позитивно непроменет резултат. И во 2022 година, како и претходните три, претседателот бил истовремено присутен со своја официјална веб страна, како и редовни онлајн активности и активно присуство на Фејсбук, Твитер и Инстаграм.

Собрание

Статус кво или вкупно 115 од 120 пратеници во Собранието биле активни на Фејсбук во 2022 година. Пад за 6 пратеници кои користеле Твитер споредено со 2021 година, односно вкупно 18 биле активни на оваа мрежа лани. Инстаграм меѓу пратениците и пратеничките останува непроменет како во 2021 и 2020, односно вкупно 35 ја избрале оваа мрежа за потенцијална комуникација со граѓаните.

Анализата покажува дека само 10 од 120 пратеници истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека дури 4 народни избраници немале свој профил/страна или канал на било кој од социјалните медиуми во 2022 година.

Споредено со: 2021 година (11 пратеници биле активни на сите наведени социјални медиуми, а 5 не користеле ниедна); 2020 година (15 биле активни на сите наведени платформи, а само 1 пратеник граѓаните не можеле да го контактираат преку Фејсбук, Твитер или Инстаграм).

Дополнително, споредено со претходните години, Собранието бележи видлив напредок на својата нова веб страна која нуди поедноставна прегледност и можност за одредена директна комуникација со пратениците и пратеничките. Во таа насока, сеуште останува неисполнета препораката дадена пред повеќе од 5 години од страна на ИДУЕП, а се однесува на поставување на директни линкови до официјалните канали на социјалните медиуми до биографијата на секој пратеник/чка.

Влада и министерства

И Владата ја заврши 2022 година со благ пад во користењето на социјалните медиуми. 20 од вкупно 21 министри биле активни на Фејсбук во 2022 година. Твитер бил изборот на 12, додека Инстаграм на 17 (тука се бележи раст од 2 министри повеќе споредено со 2021 година). Вкупно 12 министри биле активни на сите наведени платформи, додека еден министер не користи ниту еден социјален медиум.

Споредено со 2021 година (сите министри користеле Фејсбук, односно барем еден социјален медиум, Твитер бил изборот на 16, додека Инстаграм на 15 министри, а 13 министри биле истовремено активни на сите наведени платформи). Во 2020 година вкупниот број на активни министри на сите три платформи изнесувал 10.

Четврта година по ред оваа Анализа ги опфаќа го онлајн присуството на министерствата и веб платформата на Владата. Свои официјални веб страни имале сите 17 институции, додека исто толку биле активни на Фејсбук. На Твитер свое присуство имале речиси половината, односно 8 министерства, Инстаграм бил изборот на само 2 владини министерства, додека официјално Јутјуб канал користеле 4 министерства.

Само Владата и Министерството за политички систем се истовремено активно присутни со веб платформа, како и со свои кориснички сметки на Фејсбук, Твитер, Инстаграм и ЈуТјуб. Позитивна вест е што втора година по ред не постои министерство кое не нуди барем 2 опции да биде контактирано од граѓаните и медиумите преку дигиталните алатки.

Споредено со 2021 година (сите 17 министерства биле активни на Фејсбук, 8 на Твитер, 5 на Инстаграм, ЈуТјуб користеле 5 од 17 министерства, а Владата и уште 2 министерства биле активни истовремено со своја веб страна и трите социјални медиуми).

Во 2020 година 1 министерство не нудеше можност да биде контактирано од граѓаните преку социјалните медиуми, додека во 2019 година оваа опција не ја обезбедувале дури 5 министерства.

„Очигледно е дека ковид-пандемијата ја нагласи потребата од забрзано присуство на институциите на дигиталните канали, но според сите истражувања кај граѓаните и понатаму постои незадоволство од степенот на јавните услуги кои тие ги даваат. Дополнително, најголем дел од услугите сеуште се достапни само хартиена форма или, пак, во најдобар случај во хибридна форма на електронско поднесување и шалтерско подигање. Потребно е да се прифати дека граѓаните се тие кои ги финансираат овие јавни услуги и тие имаат право да добијат брзи, ефикасни и навремени услуги како на централно, така и на локално ниво. Тоа вклучува и избор за секој човек, дали сака да ја изврши услугата онлајн, во хартиена форма, односно да оди на шалтер или тоа да го направи за неколку секунди преку официјална веб страна или мобилна апликација за е-услуги“, истакна комуникологот Бојан Кордалов, автор на Анализата спроведена за потребите на ИДУЕП.

Градоначалници и општини

Статус кво, благ раст, но и пад и кај користењето на социјалните медиуми кај единиците на локалната самоуправа. 80 од вкупно 81 градоначалник биле активни на Фејсбук во 2022 година. На Твитер биле активни само 6 градоначалници, додека, пак, на Инстаграм тој број изнесувал 40, односно половина. Вкупно 4 градоначалници во 2022 година истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека 1 градоначалник немал свое присуство на ниту еден од социјалните медиуми.

Споредба со претходни години: 80 од вкупно 81 градоначалник биле активни на Фејсбук во 2021 година, бројка која е за 3 градоначалници зголемена споредено со 2020 година. На Твитер во 2021 година биле активни само 6 градоначалници, додека на Инстаграм тој број изнесувал 37. Во 2020 година, пак, 7 градоначалници биле на Твитер, а 32 на Инстаграм; во 2019 година: 5 градоначалници на Твитер, а 25 на Инстаграм.

Вкупно 5 градоначалници во 2021 година истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, што е за 1 помалку споредено со 2020 година. Во 2021 година само 1 градоначалник немал свое присуство на ниту еден од социјалните медиуми, додека во 2020 година бројката била 3, а во 2019 година вкупно 7 градоначалници.

Кај општинското онлајн присуство се забележани следните статистики за 2022 година: Свои официјални веб страни имале сите 81 општина, 60 биле присутни на Фејсбук. На Твитер свое присуство имале само 2, Инстаграм бил изборот на само 9 општини, додека Јутјуб низ годините користеле 39 општини. Свое истовремено веб, како и присуство на социјалните медиуми (Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутјуб) и оваа година, како и неколку претходно имаат Градот Скопје и општина Карпош, додека, пак, во 22та година од 21 век, дури на 13 општини граѓаните не можеле да им пристапат преку било која од овие социјални медиуми.

Споредба со 2021 година:  Активни веб: 81 општина, 60 присутни на Фејсбук, 4 на Твитер, 11 на Инстаграм, 25 од вкупно 81 општина биле активни со свој ЈуТјуб канал. Само 2 ЕЛС биле активни со свое веб и присуство на овие 4 социјални медиуми, а дури на 19 општини не можело да им се пристапи преку ниту еден од социјалните мрежи.

Споредба со 2020 година: Активна веб страна имале 79 општини, 60 биле присутни на Фејсбук, 4 на Твитер, а 17 на Инстаграм.

„Огромен проблем претставуваат затворените кориснички сметки на јавните функционери. Секако дека и тие имаат свое право на приватност, но тенка е линијата меѓу личноста и функцијата што ја врши. Оттука, ги советуваме или да ги отворат своите профили на социјалните медиуми или, пак, дополнително да отворат свои официјални страни и канали каде граѓаните и медиумите ќе можат да ги контактираат, да им ги испраќаат своите мислења, предлози и критики“, посочи комуникологот Бојан Кордалов, автор на Анализата и координатор на Програмата за транспарентност и дигитализација на ИДУЕП.

Тој смета дека со недоволното искористување на дигиталните алатки, властите и институциите пропуштаат сериозна шанса да ја намалат општествената апатија кај младите бидејќи тие се и најголеми корисници на дигиталните алатки.

„Ако ги погледнеме активностите на јавните функционери, јасно ќе видиме кои од нив градат сеопфатна стратегија за комуникација со јавноста, кои целат и кон освојување на симпатиите кај младите луѓе, а кои сеуште се водат според принципите за комуникација од минатиот век. Дополнително, сериозен недостаток претставува што речиси секаде, без исклучок, примат се дава на личните дигитални платформи на јавните функционери, наместо еднакво и на јавните институции кои тие во моментот ги раководат. Со ваквиот пристап, за жал, се пропушта нова шанса да изградиме целосно професионална администрација, да обезбедиме континуитет во функционирањето на институциите, а наместо тоа и понатаму преовладува партизацијата и концентрација на моќта во една личност наместо кон системско јакнење на јавните институции“, посочува Кордалов.

И оваа година, основните препораки до институциите и јавните функционери остануваат непроменети: 1) двонасочна комуникација, односно многу повеќе вклучување, слушање и одговарање на барањата од јавноста, а помалку ПР памфлети и реклами на дигиталните алатки; 2) Понатаму, градење на интерни професионални ПР тимови кои ќе се фокусираат на прашањата и барањата од граѓаните и медиумите, наместо само кон имиџот и сликата за функционерот/ката; 3) Поставување на дигиталните канали како дел од задолжителните елементи за двонасочна комуникација го граѓаните и медиумите, бидејќи тие се должни да бидат присутни секаде каде што на јавноста ѝ наједноставно и најдостапно да стапи во контакт со нив. Само на овој начин може да се упростат сложените бирократски процедури, олеснат начините за остварување на правата на граѓаните, односно преку целосна транспарентност и дигитализација да се покажат видливи и конкретни резултати во борбата со корупцијата, партизацијата и намалување на незадоволството кај граѓаните од начинот на кој нивните институции функционираат.

Претходна статијаDisplace TV е безжичен телевизор кој работи на батерии и може да се постави на било која површина
Следна статијаSamsung на саемот CES 2023 ја сподели својата визија за мирно и поврзано искуство на користење на уредите