Со денешното потпишување на договорите започнува воведување на иновациска инфраструктура преку трите проекти на ЦИРКО, ФЕИТ и ИНО ТЕХ КЛУБ Штип, кои се избрани за кофинансирање во рамките на „Предизвик за воспоставување на лаборатории за производство FAB LABS – Младите создаваат”, преку кои ќе се обезбеди пристап до современи технологии за средношколци и млади.

За разлика од поддршката на акцелераторите кои подразбираат иновациска инфраструктура но со фокус на обезбедување менторство и инвестиции, ФИТР преку „Фаб Лабс“, покрај обуки и менторство ќе обезбеди просторни и технички услови за производство на иновативни решенија, од фаза на идеја до фаза на прототип и тестирање, со можност за мало сериско производство.

„Ме радува што голем број млади луѓе од целата држава ќе имаат можност своите иновации и вештини да ги развиваат во нови и подобри услови. За нас како институција која во континуитет ги поддржува креативците, од големо значење е што индустријата, академската заедница, јавниот и граѓанскиот сектор ќе соработуваат уште поинтензивно благодарејќи на овие проекти. Годинава планираме да поддржиме ваков тип лаборатории и во други градови со цел да им бидат полесно достапни на граѓаните од другите региони“, посочи Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Поради големиот број квалитетни проекти, првичниот буџет од 9 милиони денари беше зголемен со што финансирањето од Фондот изнесува 12 милиони денари, а поддржаните институции ќе вложат околу 2,5 милиони денари сопствени средства.

Центарот за истражувања, развој и континуирано образование (ЦИРКО) кој е основан од Машински факултет – Скопје (МФС) ќе ја воспостави „FabLab Skopje“, во која на располагање ќе бидат ставени дигиталните библиотеки на МФС, како и две други лаборатории каде се наоѓаат индустриските 3Д принтери, машините за обработка на полимери, обработка на метали и опремата за испитување на механички карактеристики. Примарна целна група ќе бидат средношколците, студентите и дипломираните млади лица, а како секундарна: професионалците-поединци, компаниите, дизајнерите и креативците, како и наставниците во средните училишта. Предвидена е физичка пристапност и за лица со попреченост во движењето, како и за лица со попреченост во слухот. Планирани се и посебни активности со кои ќе се промовираат техничките науки (STEM) кај женската популација од различни старосни групи.

„ФЕИТ ФабЛаб“ која ќе ја воспостави Факултетот за електротехника и информациски технологии-Скопје, ќе понуди основни и напредни курсеви и менторство во повеќе области како што се: моделирање за 3Д печатење и работа со 3Д печатач, практична електроника и вградливи микрокомпјутерски системи, слободен и отворен софтвер и други. Во рамките на лабораторијата ќе продолжат да се организираат: летна школа за дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи, работилница „Технологија за тебе”, студентска програма Innovations in Smart Anything Everywhere – INNO-SAE, РобоМак – меѓународна работилница за роботика и вештачка интелигенција и летна школа за мултимедиски технологии.

Приходите кои ќе бидат обезбедени од средствата добиени преку експертската помош на кадарот на ФЕИТ, како и користењето на лабораторијата од страна на заинтересирани корисници од приватниот сектор кои лабораторијата ќе можат да ја користат како one-stop-shop за свои сопствени развојни и истражувачки потреби, ќе бидат вложени во понатамошниот развој и обезбедување на одржливост на лабораторијата.

Третиот поддржан проект „Inno Fab Lab“ ќе го спроведува ИНО ТЕХ КЛУБ Штип, со што ќе им се овозможи на педесетина креативни средношколци и студенти да се вклучат во работа на конкретни проекти кои ќе резултираат со развој на најмалку шест продукт-прототипи. Лабораторијата ќе биде лоцирана на Технолошко- металуршкиот факултет во Скопје а  тимовите ќе бидат составени од 6-8 млади луѓе, со главен предуслов најмалку 40 % од членовите на тимот да бидат девојки. Во текот на четири месечното менторирање, во „Inno Fab Lab“ лабораторијата за производство, тимовите ќе имаат можност да ги надградат своите технички знаења и вештини, да стекнат искуство со тимска работа и да научат како да развијат идеја до продукт-прототип.

Претходна статијаНајави за поголема батерија кај наредната генерација на Galaxy Watch од Samsung
Следна статијаРекламите во File Explorer не биле наменети да бидат видени од корисниците на тест верзијата од Windows 11