Близу 1000 апликациски пакети се досега преземени од заинтересирани домашни компании по објавувањето на јавниот повик за Технолошки развој за брзо прилагодување на Ковид 19 на Фонд за иновации и технолошки развој. Од денес Фондот во соработка со неколку стопански комори започнува и со серија инфо сесии. Согласно новонастанатите услови тие се оддржуваат онлајн а првата е со Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.

“Големиот интерес за инструментот навистина охрабрува и реално може да очекуваме голем број на апликации. Но тоа истовремено покажува и дека на домашните компании им е потребна поддршка. Ова е една од мерките од третиот пакет економски мерки на Владата која е веќе функционална и со која се обезбедува реална поддршка за економскиот сектор. Овој инструмент е наменет за брзо економско заздравување. Воведуваме иновативен механизам на финансирање, преку доделување на средства на конкуретна основа, со однапред познати критериуми, и поврат од остварените финансиски резултати, но не по цена на опстанок на компаниите и работните места. “ изјави Јован Деспотовски, директор на ФИТР. Тој додаде и дека МАСИТ и останатите комори во голем дел придонесоа во креирањето на овој инструмент бидејќи е навистина важно оние за кои е наменет да кажат што им треба.

“Ја поздравуваме иницијативата на ФИТР и Светска банка за воспоставување на ваков повик, каде многу голем дел од малите и средните претпријатија, на кои помошта им е најпотребна, се подобни да аплицираат. При дискусиите со Фондот во изминатиот период дојдовме до заклучок дека листата на видови на трошоци кои ќе бидат подобни, треба да се рашири, земајќи во предвид дека дел од компаниите кои ќе аплицираат, ќе аплицираат за имплементирање на дигитални решенија. За ваков тип на решенија, не се потребни средства само за набавка на решението, туку и други видови на трошоци како бруто плати на вработени кои ќе бидат ангажирани на проектот, средства за самата изработка на софтвер, инсталација, локализација или пак за други видови на оперативни трошоци поврзани со прилагодување на решенито, кои исто така ќе бидат подобни во склоп на повикот. Заради сето ова, сметам дека повикот ќе биде многу интересен за голем дел од компании од сите сектори, и ќе допринесе во забрзано опоравување од кризата предизвикана од КОВИД 19, како и долгорочно постигнување на зголемена ефикасност, а во одредени ситуации и зголемен извоз,“ вели Анита Никова Бундовски, Извршен директор на МАСИТ – Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии.

Фондот обезбеди и бесплатна техничка помош за потенцијални апликантни со надворешни експерти во неколку области, меѓу кои дефинирање на бизнис можностите и изработка на квалитетен предлог проект. Консултантските сесии исто така се одвиваат онлајн.

Јавниот повик за Технолошки развој за брзо прилагодување на КОВИД-19 е наменет за микро, мали и средни компании со од Северна Македонија со потенцијал за успешно работење.

Иницијалниот буџет на јавниот повикот е 200 милиони денари. Финансиската поддршка е структурирана по големина на компанијата и тоа до 750.000 илјади денари за микро, 1.5 милиони денари за мали и до 3 милиони денари за компании со средна големина и не може да надмине 70% од вкупниот буџет на инвестицијата. Останатите 30% се средства кои ги обезбедуваат самите компании. Средствата може да се наменат за инвестиции во дигитализација и ИТ системи, реорганизација на работата, унапредување на производите и услугите, набавка на опрема, како и заштитни мерки за работниците. Со мерката се опфатени компании што во последните две години од работењето немаат регистрирано загуба, освен старт-ап компании до три години постоење, кои се изземени од овој услов. Оваа развојна мерка е подготвена во соработка со Светската банка.

Новина во повикот се и критериумите за оценување, во делот на поттикнување на учество на компании со жени во управувачката односно сопственичката структура. Исто така, посебен систем за бодување е предвиден за компании што доаѓаат од помалку развиените региони, кои ќе имаат и предност при селекцијата. Повикот е отворен до 29.06.2020 година.

Претходна статијаБидете подготвени за лето со Samsung и Sport Vision
Следна статијаНеофицијална најава за претставување на Galaxy Note20 на 5-ти август заедно со Galaxy Fold 2 и Galaxy Z Flip 5G