По излегувањето од Apple на едно од најпознатите имиња во компанијата, Џони Ајв и основање на сопствена компанија за дизајн наречена LoveFrom во 2019, немаше нешто многу новости поврзани со оваа нова компанија.
Единствено минатата година можевме да прочитаме дека клиент на LoveFrom станува Airbnb и од тогаш до новоста од оваа недела, не можевме да прочитаме нешто што посебно се истакнува. Сепак, LoveFrom беше најавено дека ќе продолжи да соработува со Apple, па можеби „бркањето“ на нови клиенти не е нешто што е прво на листата на приоритети.
Со оглед на угледот на Џони Ајв, можеме да очекуваме дека повеќето клиенти за кои ќе читаме ќе бидат некои познати светски брендови.
Тоа е случајот и со најновиот клиент на компанијата, а тоа се Ferrari и Exor, холдинг компанија од Холандија во сопственост на Агњели фамилијата и Ferrari.
Не е точно познато на што точно ќе работи LoveFrom со овие две компании, па се што е објавено е дека новото партнерство ќе ги приближи легендарните перформанси и извонредност на Ferrari со искуството и креативноста без конкуренција од LoveFrom.
Покрај соработката со Ferrari, за која се верува дека може да биде поврзана со електрични автомобили во иднина, LoveFrom ќе соработува и со Exor во, како што се истакнува, луксузниот бизнис.
Во оваа фаза соработката повеќе делува како поврзување на познатите брендови, па во иднина ќе видиме дали ќе има и нешто повеќе конкретно.