Фото: Shutterstock.com

Apple сакаат да станат дел од судскиот процес во кој Google се обвинети дека нелегално ја задржуваат својата позиција на пазарот, а посебно во делот на интернет пребарување и огласување. 

Од компанијата сметаат дека не можат да очекуваат Google доволно добро да го брани нивниот интерес во случајот, па тие директно како сведок би сакале да добијат дозвола да ја кажат својата страна. 

Министерството за Правда веќе го предложи претходно неофицијално најавуваното барање за растурање на Google, односно продажба на Chrome и Android. Од компанијата излегоа со свои предлози како да се реши проблемот кој го имаат од министерството без да мора да се растури компанијата. 

Apple поднесува документи до судот, еден од Еди Кју, виш потпретседател во компанијата задолжен за услуги, како и од адвокатите на компанијата каде и подетално се бара дозвола за сведочење во судскиот процес кој треба да продолжи идната година. 

Еди Кју доста логично објаснува дека Apple им овозможуваат на своите корисници да пребаруваат директно преку лентата за адреси во Safari. Пребарувачот кој е автоматски вклучен е Google, но корисниците имаат избор од уште неколку кои можат да ги променат преку прилагодувањата. 

Apple добиваат процент од приходите кои ги има Google од корисниците на iPhone и другите уреди, а тој процент во 2022 на Apple им донесе 20 милијарди долари. 

Од компанијата очекувано се противат на забраната да се прават вакви договори, па Apple сметаат дека само тие можат да говорат за тоа какви идни договори најдобро им користат на нивните корисници. 

Еди Кју продолжува да објаснува дека доколку тие не можат да имаат вакви договори со Google, ќе треба или да им овозможуваат пристап до огромен број на корисници на Google без да добијат никаков надомест за тоа или да го тргнат пребарувачот и со тоа да им го скратат најпопуларниот избор на корисниците. 

Дополнително, Кју истакнува дека од компанијата не планираат да развијат сопствен пребарувач, а како причини за истото ги наведува таквите како големата инвестиција која е потребна и времето кое ќе го земе вниманието на компанијата од други проекти. Исто така се истакнува и развојот на вештачката интелигенција, како и немањето на доволно специјализирани вработени за овој развој. 

На крајот, очекувано, Apple не планираат да започнат да овозможуваат таргетирани реклами, нешто што обично оди заедно со пребарувачите, а посебно затоа што тоа е спротивно на посветеноста на компанијата на приватноста на корисниците. 

ИЗВОРMacRumors
ИЗВОР 2Reuters
Претходна статија„Макпетрол“ и во 2025 за родителите ќе овозможи работилници против врсничко насилство
Следна статијаYouTube ја засилува борбата против „кликбејт“ видеата
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.