После 30 години соработка, од кои околу 27 внатре во Apple, Џони Ајв веќе нема да има ништо со компанијата во која едно време беше можеби највлијателниот човек после Стив Џобс.

Според неофицијални извори на The New York Times, договорот помеѓу Apple и новата компанија на Џони Ајв, LoveFrom, треба да истече овој период, па нема да биде продолжен. Со тоа официјално завршуваат последните „остатоци“ од соработката.

Како главна причина за прекинување на соработката се истакнуваат две работи. Од една страна дел од директорите во Apple не биле задоволни со сумата која се исплаќа на LoveFrom за соработката, која наводно изнесува околу 100 милиони долари. Исто така, тие не биле задоволни поради напуштањето на неколку вработени да одат да работат во LoveFrom.

Од друга страна, договорот за соработка помеѓу компаниите вклучувал можност за одлука од страна на Apple за изборот на клиентите на LoveFrom, па доколку Apple сметаат дека некоја компанија е конкурентна, истата не би можела да стане клиент. Џони Ајв сепак сака поголема слобода во изборот на клиентите, па и тој не сакал да продолжи соработката.

LoveFrom изминатите години како клиенти ги договори компаниите Ferrari и Airbnb, а соработуваат и со непрофитната организација на принцот Чарлс која работи на темата за климатските промени.

Џони Ајв ја напушти Apple во 2019, кога најави и основање на своја компанија за дизајн, подоцна откриена како LoveFrom. Ајв е најмногу познат по својата работа во Apple на дизајнирањето на производите, па во светот можеби и нема повеќе позната една личност кога е во прашање овој бизнис.

Тој е заслужен за дизајнот на iMac компјутерите во деведесеттите кои беа познати по специфичниот изглед со проѕирни делови и различни бои. Можеби кај нас овие компјутери не се користеа многу, но сепак нема кој ги нема видено.

Ајв исто така ги има дизајнирано iPhone, првите слушалки кои дојдоа со iPod, има работено на дизајнот на Apple Watch, а најново се истакнува дека работел на дизајнот на уредот за виртуелна реалност кој треба да биде претставен идната година.  

Според информациите, Ајв не бил задоволен во Apple, а најмногу поради недоволната вклученост во развојот на производите од страна на директорот Тим Кук, како и недоволното давање значење на нивниот дизајн. Сепак, иако оваа информација е негирана од страна на Кук, Ајв бил навикнат на стилот на функционирање на Џобс, па тешко дека некој друг ќе може да му биде погоден после него.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2MacRumors
Претходна статијаМакедонскиот процесор КАСИС склучи договор со финтек компанијата РУБИКОН од Албанија
Следна статијаЕлеганција, функционалност, моќ – новата серија на Samsung Galaxy S22 ќе ви го одземе здивот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.