Програмата за корпоративна иновативност која ФИТР ја воведува за прв пат има за цел поттикнување на иновативните проекти и нивна соодветна примена, размена на искуства и знаења, унапредување на бизнисот, раст и развој на двете страни.

Програмата предвидува доделување на финансиски средства и/или техничка поддршка на новоосновани трговски друштва (стартапи) што ќе овозможи подобрување на реализацијата и пласманот на нивните производи и услуги преку соработка со претпријатија кои имаат значајно присуство и влијание на пазарот.

Од друга страна, на корпоративниот сектор оваа програма му овозможува да добие директен пристап до иновативни решенија за унапредување на работните процеси, подобар пласман на производите и услугите и освојување на нови пазари. Воедно, на овој начин корпоративниот сектор ќе даде значаен придонес во развојот на стартап екосистемот и иновативната економија, притоа обезбедувајќи си општествено одговорно позиционирање.

„Целта на оваа програма е да ги мотивираме големите корпорации и брендови, во партнерство со Фондот, активно да се вклучат во развојот и трансформацијата на македонскиот стартап еко систем. Фактот што досега само од Фондот се поддржани над 300 стартап компании, покажува дека македонскиот стартап екосистем брзо се развива и партнерствата со веќе докажани корпорации и брендови, уште повеќе ќе го забрза процесот на трансформација и ќе им овозможи на македонските стартапи да бидат покомпетитивни и на национално но и на глобално ниво.“ – изјави Коста Петров, директор на ФИТР и додаде дека институцијата, преку повеќе иницијативи интензивно работи и на позиционирање на Република Северна Македонија како регионален стартап хаб.

Претставниците од корпоративниот сектор, односно трговските друштва, веќе од денес и во текот на целата година можат да аплицираат за Програмата за корпоративна иновативност со доставување на пополнет образец со основни податоци за компанијата, област на делување и краток предлог-концепт за партнерство или соработка со Фондот. Во зависност од целите, соработката ќе се реализира преку различни модели, како: организирање на еднократни настани (предизвици, хакатони), споделување на ресурси (бесплатни алатки, простор за работа), поддршка за развој на бизнисот (инкубатори, акселератори) и сл. ФИТР ќе формира Комисија за разгледување на доставените предлог-концепти, додека одобрувањето ќе се врши врз основа на точно дефинирани критериуми.

Претходна статијаМакедонскиот стартап Trident Peak се пласираше меѓу 8те најдобри стартапи од целиот свет на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели
Следна статијаSamsung најави најмалку четири години на безбедносни надградби за своите Galaxy уреди