Набрзо откако светот започна да се навикнува на новите околности предизвикани од ширењето на пандемијата на КОВИД-19, научивме и еден нов концепт: „инфодемија”, односно преголем наплив на информации и брзо ширење на непроверени и фабрикувани вести, слики и видеа. Како и самиот вирус, и „инфодемијата” е многу заразна и лесно пренослива меѓу заедниците и општеството воопшто.

Медиумите можат да бидат еднакво опасни како и самиот вирус, и затоа е од голема важност во вакви кризни времиња да се подигне нивото на медиумска писменост и да се подобрат вештините и начините на лесно препознавање на непроверени информации, објавени низ медиумите. Ширењето гласини и дезинформации, дури и во ситуации кога самата содржина е безопасна, може да има сериозни последици врз јавното мислење и конкретно во оваа ситуација, дури и врз јавното здравје. Во такви ситуации, покрај употребата на пишаниот збор, медиумите треба да бидат внимателни и со сликите и/или видеата што ги објавуваат, имајќи предвид дека тие може да предизвикаат страв и паника меѓу населението.

Веќе некое време, светот се соочува со досега непозната здравствена криза и поради тоа, со факти докажаните и навремени информации се поважни од кога било претходно, имајќи предвид дека тие моментално можат да придонесат кон спасување на човечки животи. Токму ова е главната причина зошто известувањето во време на пандемијата на КОВИД-19 стана сериозен предизвик на глобално ниво, особено за новинарите и за медиумите, кои се соочуваат со сè потешки услови за работа со секој изминат ден. Во вакви отежнати околности, новинарите и самите медиуми се соочуваат со многу комплексна задача – како да се сподели вистината и притоа да не се предизвика непотребно вознемирување и паника во јавноста. Како и да е, останува фактот дека голем број медиуми ја искористија целата ситуација во негативен контекст и станаа главни извори на ширење лажни вести, шпекулации, невистини и дезинформации, со единствена цел за добивање повеќе посети на своите веб-страници.

Земајќи ги предвид дадените околности, должност и обврска е на самата јавност, да ја разбере разликата меѓу проверена со факти информација и дезинформација. Како може да се заштитите себеси од влијанието што го имаат лажните вести?

Почнете со проверка на датумот кога е објавена веста (дали е сегашна или е само преобјава на некоја постара вест), потоа внимателно да се провери изворот од каде доаѓа самата информација, без притоа да се носат заклучоци само врз основа на главниот наслов и исто така да не се заборави да се провери кој автор стои зад самата вест. Ова се само неколку чекори кои може да бидат применети при проверка на тоа дали некоја вест е ‘вистинита’ или ‘лажна’.

Секако, за проверените информации да стигнат до јавноста, новинарите и останатите медиумски лица мора да имаат важна улога во сето тоа. Слободата на говор и јавно изразување не го оправдува ширењето дезинформации или лажни вести. Новинарите секогаш треба да ја известуваат јавноста само врз основа на факти и мора да ги почитуваат професионалните стандарди и етички норми кои се однесуваат на нивната професија во време на глобална здравствена криза.

Научете повеќе за тоа како да се заштити слободата на изразување и информирање во време на криза:

  • Справување со глобална здравствена криза притоа задржувајќи ја слободата на изразување и информирање
  • Упатства на Комитетот на министри при Советот на Европа за заштита на слободата на изразување и информирање во време на криза

„Справување со глобална здравствена криза, притоа задржувајќи ја слободата на изразување и информирање” е иницијатива за подигнување на свеста која е дел од проектот “Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија“ (ЈУФРЕКС). ЈУФРЕКС е дел од „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II”, иницијатива за соработка кофинансирана од страна на Европската Унија и Советот на Европа и имплементирана од Советот на Европа. Кампањата е спроведена од  АПРИОРИ комуникации.

Оваа кампања е овозможена со финансиска поддршка од страна на Европската Унија и Советот на Европа. Ставовите што се изразени низ кампањата нужно не ги одразуваат официјални ставови на ниту една од страните.

Претходна статијаOnePlus ја прикажа новата сјајна боја со посебна комбинација од материјали кај 8T
Следна статијаДел од достапните телефони од Huawei наводно ќе добијат надградба на HarmonyOS