Од Valve вчера ги испорачаа првите 300 прототип конзоли, таканачените „Steam Machines“ до среќните избраници за бета тестирање. Истовремено, објавена беше и бета верзијата на SteamOS која може бесплатно да ја преземете од следниот линк.

Бидејќи Steam конзолите се состојат од стандарден x86 хардвер, практично секој што поседува модерен компјутер ќе може да го инсталира SteamOS и да си направи своја „парна машина“. Единственото поголемо ограничување во моментов е тоа што SteamOS има драјверска поддршка само за NVIDIA графички карти, меѓутоа набрзо ќе биде додадена поддршка и за графичките на AMD и Intel.

Потребни хардверски спецификации за инсталирање на SteamOS:

  • 64-битен Intel или AMD процесор
  • Минимум 4GB меморија
  • Минимум 500GB хард диск
  • NVIDIA графичка карта
  • UEFI поддршка
  • USB порта

SteamOS е базиран на Linux (поточно Debian 7.1 дистрибуцијата) и е прилагоден да служи како основа за Steam сервисот и Steam игрите. Оперативниот систем се подига директно во „Big Picture mode“ – алтернативниот интерфејс на Steam дизајниран за лесна навигација со контролер, но исто така има и „desktop mode“ преку кој може да се користат стандардните Linux апликации.

Доколку сакате да ја пробате бета верзијата на SteamOS, деталните инструкции за инсталација се наоѓаат на следниот линк. НАПОМЕНА: Инсталацијата ќе ги избрише сите податоци од вашиот хард диск.

Од Valve предупредуваат дека оперативниот систем се наоѓа во многу рана фаза и не го препорачуваат за тие што немаат претходно искуство со користење на Linux.

Претходна статијаGoogle ја претстави страната Google Tips како помош при користење на нивните сервиси
Следна статијаАпликација: Yahoo Weather за iPad