N2DSi

2DS е најновиот член во фамилијата на рачни конзоли на Nintendo. Во својата функционалност 2DS е практично идентичен со веќе три години стариот 3DS, но без можноста за приказ на тридимензионални содржини.

Доколку се прашувате зашто Nintendo се решиле да ја исфрлат оваа функционалност од новата конзола, одговорот е едноставен: цената.

Според Nintendo, 2DS не е тука за да ја замени популарната 3DS конзола, туку да понуди алтернатива. Имено, Nintendo 2DS е наменет да биде достапен за пошироката популација.

Дизајнот на новиот уред е видно поразличен од тој на своите претходници. За разлика од дводелниот дизајн на преклопување кај DS, 3DS и 3DS XL конзолите, двата дисплеи кај Nintendo 2DS се поставени на рамна површина. Големината на дисплеите е слична со таа на оригиналниот 3DS.

Nintendo 2DS доаѓа со димензии од 144 x 127 x 203 милиметри и тежи 260 грама. Во себе содржи дво-јадрен ARM11 MPCore процесор, придружен од 128 мегабајти FCRAM и 6 мегабајти VRAM меморија. За обработка на графичките содржини користи PICA200 графички процесор. Батеријата е со капацитет од 1300 мили-ампер часови, што дозволува помеѓу 3.5 и 9 часа играње зависно од содржината. Вклучени се SD картичка со капацитет од 4 гигабајти и 1 гигабајт вградена флеш меморија.

Горниот дисплеј е со големина од 3.53 инчи и резолуција од 400 × 240 пиксели, додека долниот дисплеј е со големина од 3.02 инчи, резолуција од 320 × 240 пиксели и е осетлив на допир. За мрежно поврзување 2DS користи Wi-Fi конекција.

Исто како и кај 3DS конзолите, присутни се и три VGA камери (1 предна и 2 задни камери), со што е задржана можноста за фотографирање на 3D слики, иако е отстранета функцијата за прикажување на истите.

Кога се во прашање игрите, Nintendo 2DS е компатибилен со сите игри достапни за 3DS конзолите и со поголемиот дел Nintendo DS игрите.

Конзолата ќе биде достапна од 12-ти Октомври по цена од 130$ во сина и црвена варијанта.

Претходна статијаFox News го претстави своето ново студио со огромни екрани наместо работни маси
Следна статијаНов Yahoo Mail на 16 годишнината од постоењето