Valve минатиот месец најави дека една од најпопуларните игри во светот конечно добива нова и слободно може да се каже, модернизирана верзија. Counter-Strike 2 ќе им стане достапна на сите корисници од ова лето, а исто како и досегашната верзија, играта ќе биде бесплатна.
Доста информации беа објавени за што ново донесува верзијата 2 од Counter-Strike, како што е одличната „responsive smoke“, целосна преработка на мапите, подобрена графика, светлина, движење и интеракција во играта и слично.
Уште една новина која доаѓа кај Counter-Strike 2 е прилично голема и може слободно да се каже дека ќе ги расположи повеќето фанови. Се работи за Reflex технологијата од Nvidia, која претставува технологија за ниска латенција кај игрите.
Ова практично значи дека со Reflex, Counter-Strike 2 ќе биде многу побрза при реакција на внесот од играчите, односно времето од кликот на маусот, до вистинска реакција на екранот во играта ќе се намали.
Дадена е дури и споредба со неколку конфигурации, а се истакнува дека Reflex технологијата ќе биде достапна за компјутерите кои работат со GeForce GTX 900 и нагоре. Постарите картички би требало да имаат најголема разлика во намалувањето на латенцијата, очекувано со оглед на тоа што поновите веќе имаат подобри перформанси.
На пример, компјутер со Core i9-12900K и картичката GTX 1060 ќе има намалување на латенцијата од 26 на 17 милисекунди при играње со 1440p резолуција. Кај компјутер со RTX 3060 намалувањето треба да биде од 16 на 11 милисекунди, додека со RTX 4070 од 10 на 8.
Иако повеќето новини кои ги донесува Counter-Strike 2 се важни и одлични, може да се каже дека оваа е една од поважните, а посебно за поактивните и поспособни играчи.