Twitter, односно сега X, на корисниците на мрежата им овозможува да учествуваат во поделба на приходите од реклами и со тоа да заработуваат. Условите за ова не се баш мали, па бројот на вакви корисници сигурно не би бил голем.
Достапноста на оваа можност сега е проширена во повеќе земји, а една од нив е и нашата, па доколку има корисници кои ги задоволуваат условите, можат да почнат да заработуваат од X.
Поделбата на приходите се прави врз основа на рекламите кои им се прикажуваат на корисниците во коментарите, па дел од заработката која ја има X, ќе ја сподели со сопствениците на овие профили.
Сепак, условите како што рековме, не се баш мали, па како импресии на кои може да се добие дел од заработката се сметаат само тие направени од верификувани корисници, односно тие кои плаќаат Blue претплата.
Исто така, профилот на корисникот кој сака да добие процент мора да е претплатен на Blue или да се работи за верификувана организација.
Дополнително, корисниците мораат да имаат најмалку 15 милиони импресии на објавите во последните 3 месеци и да имаат најмалку 500 следбеници.
Исплатата се прави на Stripe, што значи дека корисниците мора да имаат сметка на овој сервис и начин како да ги извадат парите.
Оваа новина е дел од ребрендирањето на мрежата во X, која треба да стане место привлечно за креаторите, како што е случајот со другите мрежи, каде ќе има повеќе акцент ставен на видео содржината, а се најавува и можност за исплата на пари.