По најавата од Елон Маск вчера, Twitter денеска започна со пуштање на можноста за шифрирани разговори. Ова е првпат оваа мрежа да понуди вакво нешто и претставува доста важен дел за иднината каква што ја замислува Маск.

Денеска Маск го најави пуштањето на функцијата со објавата „Почетна верзија од шифрираните директни пораки само што беше лансирана. Пробајте ја, но не и верувајте се’ уште.“

Од тоа што можевме да прочитаме во објаснувањето на новата функција, станува јасно зошто е дадена оваа изјава од Маск, а исто така во иднина може да се очекува подобрување и објава на отворениот код за да може да се провери технологијата.

Шифрирањето на разговорите на Twitter функционира преку стандардниот систем на јавни и приватни клучеви, од кои приватниот секогаш е зачуван на уредот од корисникот. Ова значи дека никој, дури на Twitter не можат да ги прочитаат пораки, но ова засега не е до крај точно.

Во делот за ограничувања на почетната верзија од компанијата истакнуваат дека моментално не нудат можност за проверка на интегритетот на разговорите, нешто што е клучно за овој вид на разговори. Се истакнува дека при „man-in-the-middle“ напад, па дури и од страна на Twitter, корисниците нема да можат да знаат дека некој добил пристап до клучот за дешифрирање на пораките.

Покрај ова, за почеток пораките се шифрирани само за текстуалниот дел и линковите, а нема поддршка за испраќање на слики, видеа и слично, како и за групни разговори.

Тоа што можеби беше очекувано, но не беше најавено вчера, е дека шифрираните разговори се достапни само за верификуваните корисници, односно тие кои ја плаќаат Twitter Blue претплатата. Двете страни треба да се претплатници за да може да се започнува шифриран разговор.

Инаку, разговорите се започнуваат преку веќе започнатите обични разговори, со што се добива нов, односно посебен разговор кој може да се препознае по катанец иконата, односно во описот на разговорот.

Корисниците ќе можат да прават шифрирани разговори на 10 уреди, а доколку корисникот додаде нов уред, тој нема да може да се приклучи на веќе започнатите разговори.

Претходна статијаГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД 2023 – почнува најмасовната акција за пролетно чистење
Следна статијаВештачката интелигенција доаѓа на Android да помогне со пораките и прилагодувањето на уредот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.