За популарноста на овој веќе не толку нов начин на објавување содржина не треба ни да пишуваме. Веќе скоро и нема некоја од друштвените мрежи, односно нивните апликации, да нема дел наменет за Stories или како и да ја нарекуваат ова можност конкретните компании. Дури и Skype со ланскиот редизајн доби ваков дел, на оваа апликација наречен Highlights, меѓутоа не сум сигурен колку корисниците го користат.

Првпат претставена на Snapchat, „Stories“ функцијата им овозможува на корисниците објавување на слики и видео содржина, истата да ја „нашминкаат“ со разни ефекти и да ја објават на посебен дел од друштвената мрежа. Исто така, главната карактеристика на овие објави е што траат само еден ден, по што исчезнуваат.

Според статистиките на компанијата Block Party објавувањето на Stories има раст од огромни 842% од 2016 година. Тоа слободно може да се поврзе со проширувањето на оваа функција на другите апликации, освен на Snapchat, како што се Instagram, Facebook, Facebook Messenger, WhatsApp и други..

Веќе можевме да прочитаме дека Instagram Stories се навистина популарни кај корисниците, а истото можеме и самите да го забележиме како корисници на оваа апликација.

Зошто Stories се толку популарни кај корисниците? Најверојатно одговорот најдобро е да го даде некое истражување кое ќе земе во предвид повеќе фактори. Можеби после години на објавување на класична содржина на листата со новости направи да корисниците сакаат нешто ново, а секако исчезнувањето на објавата после еден ден, ја прави истата поинтересна за корисниците. Ова се само мои претпоставки.

Според информациите, Stories ќе го надмине класичното објавување на содржина во наредните година до две. Од Facebook се свесни за ова, па веќе работат на овозможување реклами на овој дел од мрежата, како на би го изгубиле нивниот главен извор на финансии како компанија.

Се разбира, ова не значи дека класичното објавување на листата со новости ќе исчезне, сепак, некои објави едноставно се подобри на тој „стар“ начин. Ова само значи дека друштвените мрежи ќе добијат нешто поразличен формат кој во голем дел ќе мораат да ги вклучат Stories, а тоа значи и дополнителен развој и можности за оваа функција.

Дали и вие сте голем корисник на Stories на друштвените мрежи ? Дали ако не објавувате често, повеќе сакате да ги гледате овие објави во споредба со класичните ?

ИЗВОР 2TechCrunch
Претходна статијаСтатистика и совети за поголема безбедност на пешаците во сообраќајот
Следна статијаПо повод 1ви мај – до каде сме со прогресот на работниците
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.