Pinterest е социјална мрежа која што работи на база на зачувување на интересните работи кои што ги наоѓате не интернет која што потоа се прикажани во форма на слики. Овие слики можете да ги собирате во форма на таканаречени табли, па врз основа на нив да планирате одредени проекти, патувања или едноставно да разгледувате работи поврзани со вашите интереси. Не сме сигурни колку е популарна оваа мрежа во нашата земја, меѓутоа сигурно не е како Facebook. Сепак, веста за која што ќе можете да прочитате денес, сигурно ќе биде добредојдена за корисниците.
Корисниците на Pinterest веќе ја имаат можноста приватно да испратат одреден pin до нивните пријатели. Од оваа недела социјалната мрежа ја додава можноста да одговорите на тие пинови со текст или со друг pin. Со други зборови, Pinterest претстави свој систем за испраќање на пораки. Пораките можете да ги испраќате на еден пријател или групно на до 10 пријатели. Добиените пинови преку порака можете да ги зачувате на вашата табла, да ги поставите на Pinterest, како и да ги испратите на некој друг пријател во посебна порака.
Можноста за испраќање на пораки е достапна преку веб, но и преку мобилните апликации на Android и iOS.
Дали сте корисник на Pinterest и дали можноста за испраќање на пораки е нешто што сметате дека ќе ви користи ?