X, се’ уште позната како Twitter, ги има информирано огласувачите дека ако не трошат најмалку 1000 долари месечно за рекламирање на мрежата, ќе го изгубат статусот на верификувани сметки.
Во овој случај се работи за ознаката која треба да потврди дека профилот навистина е на таа организација, односно не се работи за сега веќе не толку јасната сина ознака.
Елон Маск го потврди ова и додаде дека организациите можат да плаќаат и по 1000 долари за ознаката, доколку немаат потреба од рекламирање со толкава сума.
Оваа сума сигурно не е проблем за поголемите агенции, но може да претставува проблем за помалите компании.
Според Маск, причината за изборот на оваа сума е намалувањето на милионите сметки кои се креирани од страна на „измамници“, па сега на тие страни би им било скапо да одржуваат голем број на лажни профили.
Голем дел од објаснувањата на одредени одлуки од страна на Маск одат во правец на борба со спам и лажни сметки. Twitter како мрежа стана позната по ваквите сметки, а Маск за малку и се откажа од купувањето на компанијата поради тврдењата дека бројката на ваквите сметки е многу поголема од што се кажува.
Инаку, Twitter оваа недела го промени својот бренд и целосно се оддалечи од познатата птичка која беше карактеристична за мрежата. Сега оваа мрежа е наречена X и се очекува дека Маск планира да ја направи апликација за се во периодот што следи.