Facebook најави промена во алгоритамот за прикажување на новостите која ќе донесе повеќе текстуални статусни објави од пријателите, на сметка на истите од страните (pages). Според тестирањето што го имаат спроведено, корисниците објавуваат повеќе свои статусни објави во форма на текст кога гледаат повеќе такви објави од своите пријатели. За време на тестирањето кога биле прикажани повеќе текстуални статусни објави, корисниците објавиле 9 милиони повеќе статусни објави во пресек секој ден. Поради ова од Facebook имаат решено дека ќе продолжат да прикажуваат повеќе текстуални статусни објави во новостите.
Меѓутоа тестирањето покажало дека кога се работи за страниците на Facebook, резултатите не се исти, односно се обратни. Корисниците не реагираат исто на текстуалните објави од пријателите и од страниците. Поради тоа овие објави ќе се сметаат како две различни работи, па поради тоа и различно ќе се рангираат.
Со цел корисниците да ја добиваат содржината која што тие ја сакаат и ја сметаат за важна, Facebook ќе го зголеми прикажувањето на текстуалните објави од пријателите, а ќе ги намали истите кои доаѓаат од страниците. Сопствениците на страници ќе забележат опаѓање на досегот на објавените текстуални објави, односно кога истите ќе ги објавуваат помал процент од нивните фанови ќе ги видат.
Поради ова се препорачува сопствениците на Facebook страни да ја објавуваат својата содржина преку споделување на линк, наместо ставање на линкот заедно со текстуалниот дел од објавата, нешто што почесто го прават одредени страници во последниот период. Сепак на крај останува дека за разлика од порано за одредена порака да стигне до што поголем број од фановите, сопствениците мора да платат реклама на истите.
Извор: Facebook