Meta денеска претстави нова функција на Instagram за креаторите на содржина, која кратко кажано овозможува испраќање на еднонасочни пораки. Ова значи дека креаторите ќе може да испраќаат пораки на сите корисници кои се приклучиле на оваа функција, но никој нема да може да одговори на пораките.
Оваа функција обично се нарекува „емитување“, а од Meta ја нарекуваат Broadcast Channels. Истата веднаш се споредува со Telegram, апликација која е и позната по оваа можност.
За почеток Broadcast каналите им се достапни на многу мал број на корисници во САД, но затоа сите корисници уште сега можат да се приклучат на некои од достапните канали.
Меѓу првите корисници кои имаат ваков канал е директорот на Meta, Марк Закерберг, па на него можете да се приклучите доколку го заследите, а линковите до каналот се достапни во неговиот опис и моментално на неговото „стори“.
Broadcast каналите се јавни, што значи дека секој може да ја види содржината, но само следбениците можат да се приклучат и да добиваат известувања. Пораките се појавуваат заедно со останатите пораки на корисниците, а може да се избере дали да се добиваат сите известувања, дел или воопшто.
Овие канали се замислени како начин креаторите да ги информираат своите следбеници за нивните активности. Тоа може да го прават преку пораки, слики, видеа, гласовни пораки, а може да се креираат и анкети.
Корисниците не можат да одговараат на овие пораки, но затоа можат да реагираат на нив и да одговараат на анкетите.
За во иднина се најавува можноста да се вклучат двајца креатори во еден канал, а исто така тие ќе можат да започнат и „ask me anything – ama“ сесии и слично.
Приклучувањето на каналите се прави преку добиена покана или преку притискање на линк кој може да биде поставен на некој дел од профилот или да биде испратен од било кого.
За во иднина оваа функција се планира да стане дел и од Facebook и Messenger.