11138087_10156280059890195_747446120843886788_n

Досега, доколку некој ни испратеше порака на Facebook, а не е наш пријател или барем пријател на некој од нашите пријатели, истата наместо во инбоксот, беше ставана во посебна папка за други пораки, соодветно наречена Other.

За постоењето на оваа папка, некој знае, некој не знае, меѓутоа повеќето сигурно и кои што знаеле, имаат заборавено за истата, а шансите дека ја проверуваат барем еднаш во месецот се мали.

Ова можеби ретко е проблем, сепак, пораки обично сакаме да добиваме од луѓето кои што ги познаваме, а тие најчесто ги имаме во нашата листа со пријатели. Меѓутоа, има ситуации кога можеби би сакале да знаеме дека некој се обидува да не контактира, па без разлика што го немаме во вашата листа, да видиме што сака.

Facebook овој вид на комуникација ќе го направи подостапен преку тргањето на Other папката и воведување на Facebook Message Requests, односно Барања за пораки.

Ова значи дека кога ќе стигне порака од личност која што не е на нашата листа со пријатели, не е пријател на некој од нашите пријатели или ги немаме телефонските броеви еден со друг зачувано на мобилниот уред, ќе биде прикажано барање за порака над листата со другите стандардни пораки.

Барањето за порака ќе го содржи името на корисникот, како и неколку основни информации за него, односно од кој град е и слично. Барањето може да биде прифатено, па комуникацијата да продолжи нормално како и со пријателите, пораките ќе бидат прикажувани во инбоксот, а за истите ќе стигаат и нотификации.

Меѓутоа, не секогаш се добива порака од личност со која што би сакале да комуницираме. Затоа, додека не се прифати барањето за порака, никаква информација не се испраќа до испраќачот, односно тој нема да знае дека барањето и пораката се видени. Доколку корисникот избере да ја игнорира пораката, односно да не го прифати барањето, испраќачот нема да биде известен за истото, а исто така тој веќе нема да може да испраќа пораки.

Оваа нова функција на Facebook ќе овозможи комуникација помеѓу луѓето кои што не се познаваат, нешто што досега иако возможно, ретко беше забележувано поради Other папката. Корисниците кои што се почесто го даваат својот Facebook, наместо телефонски број, сега тоа ќе може послободно да го прават, знаејќи дека ќе може да бидат исконтактирани, без да мора да прифатат барање за пријателство.

Message Requests покрај тоа што овозможуваат комуникација помеѓу непознати лица, исто така нуди и поголема можност за избор и заштита на приватноста. Корисниците можат лесно да изберат дали сакаат или не сакат да комуницираат со непознатата личност.

Новата функција ќе биде достапна на сите места каде што го користите Messenger, односно на мобилните апликации за Android и iOS, како и на веб.

Извор: Facebook, TNW, TechCrunch

Претходна статијаSEDC прослави 5 години успешно работење
Следна статијаНеоком на VMWorld 2015 во Барселона
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.