Volvo како компанија која произведува автомобили скоро 100 години е позната во светот по акцентот којшто го става на безбедноста. Овие автомобили имаат најмногу технологија која треба да овозможи побезбедно патување, дури и во одредени ситуации кои не би сакале да се случат.

Компанијата во денешно време иако уште е лоцирана во Шведска, е во сопственост на кинеската Geely, но продолжува со истото темпо на работа по кое се познати.

Тие оваа недела го претставија својот прв целосно електричен автомобил и е преработка на веќе достапниот XC40. За препознавање дека се работи за електричен автомобил, додадена е ознаката Recharge, а истата ќе се користи кај сите автомобили од Volvo во иднина кои овозможуваат полнење на батеријата, што значи и нивните хибридни модели.

Од компанијата повеќе значење во своето обраќање дадоа на нивните планови за иднината во која се грижат за околината, отколку за карактеристиките на автомобилот. Тие истакнуваат дека до 2025 година планираат 50% од продажбите да им се од целосно електрични автомобили, додека останатата половина од хибридни модели.

Од идната година, секој купувач на Volvo автомобил прво ќе биде прашан дали сака да купи електричен автомобил пред да му бидат понудени останатите модели. Купувачите исто така ќе добиваат и бесплатно полнење во првата година, во форма на враќање на парите според просечната цена на струјата во нивниот регион.

Според Volvo решението за климатските проблеми не е намалувањето на мобилноста на луѓето, туку производството на електрични автомобили и производство на електрична енергија од обновливи извори, а тука секако се додава и самиот процес на производство.

Инаку, Volvo XC40 Recharge има погон на сите тркала, а тоа го постигнува со два мотори поставени на двете оски на предната и задната страна со по 150 kW. Батеријата е со капацитет од 75 kWh и овозможува поминување од 320 до 400 километри, зависно кој стандард за тестирање се користи, а реалната километража ќе се види кога ќе почне продажбата на автомобилот.

Полнењето на батеријата може да се прави со брз полнач кој би овозможил полнење на 80% за време од само 40 минути. Брзината до 100 километри на час Volvo XC40 Recharge ја достигнува за 4,9 секунди.

Системот за забава и контрола работи на Android, а достапни се сите сервиси кои се стандардни за Volvo.

Продажбата се планира да започне од идната година по цена од 50.000 долари. Ова покажува дека, освен неколку модели, целосно електричните автомобили уште не се спремни за масовна продажба во сите категории и достапност со цени.

ИЗВОРVolvo
ИЗВОР 2Wired
Претходна статијаHuawei ги претстави бизнис резултатите за третиот квартал од 2019 година
Следна статијаSamsung Galaxy Note10+ останува најдоброто на пазарот за корисниците кои точно знаат што сакаат
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.