Tesla претстави освежување за својот популарен Model Y, кој од март треба да стане достапен на кинескиот пазар, а кратко подоцна и на други пазари во Азија. Пуштањето на автомобилот во овој дел од светот е очекувано со оглед на доста големата конкуренција која доаѓа изминатите години од кинеските производители на електрични автомобили.
Model Y, кој претставува верзија од Tesla за популарните „crossover“ возила, може да се каже дека со освежувањето добива новини кај изгледот кои се инспирирани од новите концепт возила од компанијата.
На предната страна веднаш се забележува LED светлото кое оди по целата должина на браникот, додека главните светла се поставени нешто подолу, а мал редизајн има и самата хауба.
Редизајнот, иако го има, помалку се забележува на задната страна, а промена има и кај дизајнот на тркалата, како и изборот од повеќе бои.
Внатрешноста на новиот Model Y е карактеристично за Tesla едноставен и модернистички направен и на него може да се забележи само воланот и главниот голем екран на средината.
Голем дел од новините се направени врз основа на промените кои минатата година дојдоа кај Model 3 возилото од компанијата.
Tesla Model Y доаѓа со можност да помине околу 550 километри со едно полнење, додека полнење од 15 минути со брзите полначи му овозможува да помине половина од таа далечина.
Од компанијата го истакнуваат редизајнирањето на сите аспекти од возилото кое сега добива и подобрена амортизација, а возењето треба да биде повеќе мазно и потивко.