Mercedes се приклучува на групата производители кои дополнителната заработка од своите купувачи ја бараат преку месечни и годишни претплати. Во овој случај, не се работи за доплата за некоја функција како навигација или нешто слично, туку за отклучување на веќе достапните перформанси на автомобилот.
Acceleration Increase е името на пакетот кој корисниците можат да го добијат за 1200 долари годишно. Со оваа доплата се добива подобро забрзување на двата електрични модели од компанијата, односно на Mercedes-EQ EQE и Mercedes-EQ EQS.
Подобрувањето е во рамките на 20-24%, а се добива намалување на времето потребно да се достигне брзината од 100 км/ч за 0,8-0,9 секунди.
Ова се постигнува преку софтверско отклучување на неколку карактеристики, односно преку прилагодување на вртежниот момент, како и максималната моќност.
Mercedes за оваа одлука не добива баш најдобри реакции, а посебно затоа што се работи за заклучување на перформансите на автомобилот само за да може подоцна да се доплати за истото.
Сепак, реално за најголемиот процент од корисниците, достапните перформанси ќе бидат повеќе од доволни и ретки се тие кои можат да ја забележат разликата од помалку од секунда при забрзувањето.