Можеби веќе ги имате забележано, ако сте редовен корисник на мобилната YouTube апликација, промените кои иако се мали, сепак го олеснуваат пристапот до одредени контроли и со тоа го подобруваат корисничкото искуство.

Нема некоја главна или поголема промена која може да се истакне како прва. Тоа што можеби најмногу се забележува поради поставеноста, е копчето за вклучување или исклучување на автоматското пуштање на наредното видео. Ова копче сега е многу поочигледно и е поставено на контролите кои се појавуваат во горниот дел кога ќе се допре еднаш на видеото.

До тоа, исто така е преместено копчето за вклучување и избор на преводи, нешто што досега беше поставено на долната страна. Може слободно да се каже дека новата поставеност е на подобро и видно место.

YouTube на мобилните исто така добива и нови гестикулации, со кои може да се вклучи гледањето на целиот екран и да се врати назад на помалиот формат. Истото се прави со повлекување нагоре на видеото, односно надолу. Не е баш до крај јасно зошто од Google би дале значење на оваа гестикулација кога наједноставниот начин за промена на форматот е со вртење на телефонот со што видеото се прилагодува автоматски.

Додатно, YouTube сега многу подобро ги прикажува „поглавјата“ на видеата. Истите се прикажано во посебна листа, а секое од нив има и слика преку која може да се добие претстава што е прикажано во тој дел од видеото.

Последно, YouTube ќе почне да прикажува предлози кои треба да овозможат најдобро искуство при гледањето. На пример, YouTube ќе предложи да го свртите телефонот и да го гледате видеото во тој формат или ќе предложи некое видео да го гледате преку очила за виртуелна реалност. За понатаму од Google најавуваат дека ќе воведат повеќе предлози.

Генерално, се работи за мали промени, кои сепак прават доволно разлика за да се каже дека користењето на YouTube ќе има подобрено корисничко искуство.

ИЗВОРGoogle
ИЗВОР 2Engadget
Претходна статијаNASA го потврди присуството на вода на светлиот дел од Месечината
Следна статијаFacebook влегува на пазарот на стриминг на игри, но нема да им конкурира на Microsoft и Google
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.