Популарноста на видео разговорите оваа година е толку голема, од познати причини, што нема сервис за разговори кој не го унапреди делот за групни видео разговори или не воведе целосно нов, ако тоа дотогаш не било достапно. Од Facebook дури воведоа додатен начин за групни видео разговори, иако Messenger веќе имаше, преку новиот додаток Messenger Rooms.
Главната апликација во светот кога се во прашање тајни, шифрирани разговори, Signal, ќе воведе групни видео разговори за своите корисници, а тие секако ќе бидат шифрирани како и останатата комуникација преку оваа апликација.
Signal се познати по технологијата за шифрирање која ја користат, а истата е отворена и ја користат и други компании. Преку нивната апликација веќе се достапни шифрирани видео повици, но не може да се прават групни.
Информацијата за плановите на компанијата доаѓаат преку оглас за работа кои тие го пуштија на Twitter, а кој бара заинтересирани луѓе кои би им помогнале да работат на од-крај-до-крај шифрирани групни видео повици бесплатно за сите.
Ова последното е директно насочено кон Zoom, кои од-крај-до-крај шифрираните разговори ги пуштаат само за деловните корисници, односно за тие кои плаќаат.
Want to help us work on end-to-end encrypted group video calling functionality that will be free for everyone? Zoom on over to our careers page:https://t.co/QcCbR3Ia79
— Signal (@signalapp) June 4, 2020
Разликата помеѓу шифрирани разговори и од-крај-до-крај шифрирани е во „местото“ на чување на клучот за дешифрирање. Побезбеден е секако вториот начин на шифрирање, каде клучевите се чуваат само на уредите на корисниците, со што дури и од апликацијата не можат да пристапат до разговорите.
Кога би била воведена ваква можност во Signal, не е познато, со оглед дека уште се во фаза на барање програмери, но веруваме дека ќе биде до крајот на годината.