Microsoft ја претстави својата нова Office апликација во ноември минатата година, кога на корисниците им стана достапна во Preview верзија, односно како тест верзија за сите заинтересирани.

Оваа апликација е замислена да им овозможи на корисниците на мобилните телефони, една унифицирана апликација за работа со Word, Excel и PowerPoint, нешто што за корисник на мобилен телефон на кој не му требаат баш сите достапни функции кај посебните апликации, значително ќе му го подобри корисничкото искуство.

Покрај тоа, оваа апликација ја има интегрирано во себе и одличната Office Lens апликација, па со тоа корисниците имаат можност да скенираат документи, слики, а тука е и можноста за скенирање на текст директно во Word или Excel табела.

Интересно е што ставена е и интеграција со Sticky Notes од Windows 10, па оваа апликација сега е одлична и за чување на кратките белешки, кога за тоа не е потребно користење на OneNote или слични посложени апликации.

Апликацијата оваа недела беше пуштена за сите во Play Store на Android, по што Microsoft официјално ја најави финалната верзија од оваа апликација и за iOS платформата. Апликацијата е достапна во соодветните продавници, односно можете да ја симнете од овој линк за Android, како и од овој линк за iOS.  

Иако од Microsoft истакнуваат дека работата со документи е прилагодена и за работа на таблет компјутерите, сепак ова е апликација која е замислена пред се за користење од мобилните телефони. Со тек на време се планира подобра компатибилност и со таблетите, но сега за сега сепак би препорачале да ја користите од мобилен.

Финалната верзија донесува и неколку новини кои не беа дел од тест верзијата. Па така, корисниците сега имаат можност да поврзат дополнителни „cloud“ сервиси како Google Drive, Box, Dropbox и iCloud. Достапни се и темплејти за креирање на нов документ, а се истакнува и дека апликацијата има генерално подобрување на перформансите.

Од Microsoft најавуваат и некои нови функции кои се планираат во иднина, како што е можноста за диктирање на текстот, прегледување на ексел ќелиите во форма на карти за полесно менување, како и автоматско креирање на презентација од текстот во PowerPoint.

Како и кај посебните апликации, така и кај Office, одредени функции нема да работат доколку не сте претплатник на некои од пакетите на Office 365.

ИЗВОРMicrosoft
ИЗВОР 2ZDNet
Претходна статијаНови политики на Гугл и Твитер за справување со „лажните вести“
Следна статијаШто кога Пепси ќе ти понуди авион?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.