Со големото зголемување на популарноста на сервисите кои нудат видео разговори, а со тоа и доаѓање до израз на конкуренцијата на Microsoft Teams, од компанијата изминатите месеци редовно донесуваат новини кај овој сервис наменет за комуникација и соработка помеѓу тимови, односно групи на луѓе.

Иако Microsoft Teams е првенствено бизнис алатка, со тек на време овој сервис стана корисен и за други видови на тимови, како тие во образовните институции, а во последните месеци Microsoft го донесе и во бесплатна форма за обичните корисници.

Оваа недела Microsoft најави нови функции кои ќе станат дел од Microsoft Teams, функции кои мора да се признае дека го привлекуваат вниманието кон овој сервис.

Together Mode е можеби најинтересната новина која е замислена да ги направи видео конференциите поинтересни, подобри за гледање и подобри за внимание. Наместо сите учесници да бидат прикажани во стандардни квадрати како што е случајот сега, Microsoft Teams ќе креира посебна околина во која со помош на вештачка интелигенција ќе ги прикаже сите учесници, седнати во амфитеатар, на пример.

Главата и рамениците ќе бидат земени од корисникот, но остатокот ќе биде прилагоден од страна на вештачката интелигенција. Корисниците со тек на време ќе имаат да изберат повеќе виртуелни околини, па со тоа ќе можат да направат конференциите да изгледаат како вистински состаноци во живо.

За време на презентирање преку PowerPoint презентација и споделување на истата на екранот на другите, доаѓа до израз новата Dynamic view функција. Истата ќе им овозможи на корисниците да го прилагодат екранот според нивна желба, да се гледа презентацијата, избрани учесници во разговорот, како и останатите корисници, со можност за промена на големината на сите делови.

Microsoft Teams ќе им овозможи на корисниците и видео ефекти, преку кои ќе можат да ја прилагодат светлината на видеото, нешто што е навистина корисно кога корисникот не се гледа добро поради лошото осветлување во просторијата. Исто така, корисниците ќе можат да испраќаат реакции, како аплауз, срце и слични, кои ќе можат да ги видат сите учесници во разговорот.

За полесно да се види кога некој за време на конференцијата има напишано нешто во текстуална форма, Microsoft Teams воведува таканаречено „chat bubbles“ кои ќе се појават за сите за време на видео разговорот. Корисниците ќе можат да притиснат на овие „меурчиња“ и со тоа да го отворат текстуалниот дел од разговорот.

Teams го зголемува и бројот на учесници кои може да се приклучат одеднаш на видео конференција, па сега таа бројка ќе изнесува и до 1.000 учесници. Доколку на некоја конференција е потребно да се приклучат повеќе луѓе кои ќе треба само да гледаат презентација, на пример, сега Teams ќе овозможи да може да се вклучат до 20.000 учесници со право само да гледаат.

Ова се главните и најкорисните новини кај Microsoft Teams, а деталната листа можете да ја погледнете на следниот линк.

Претходна статијаSamsung Galaxy Note20 Ultra прикажан на неофицијално видео
Следна статијаSamsung може да престане да вклучува полнач кај одредени модели од идната година
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.