Како што неофицијално најавија од порталот The Verge при крајот на август оваа година, Facebook претстави нова апликација за разговори, наменета за корисниците на Instagram друштвената мрежа.

Threads е името на апликацијата и истата може слободно да се каже дека е замена за посебниот дел за пораки во главната Instagram апликација, наменета специјално за комуникација со пријателите од листата на блиски пријатели, која беше претставена минатата година.

При вклучувањето на Threads веднаш се вклучува камерата, задржувајќи ја главната намена на Instagram, а тоа е споделувањето на слики и видеа. Доколку веќе немате избрано блиски пријатели, Threads прво ќе побара од вас да го направите тоа, а можете да изберете најмалку еден Instagram пријател.

Покрај текстуалните разговори и испраќањето на слики и видеа, Threads овозможува и споделување и гледање на Stories, а првенствено тоа беше и карактеристиката на листата со блиски пријатели.

Посебна карактеристика на Threads која се истакнува е можноста за споделување на статус, како на пример, „одморам“, „учам“ и слично, а овозможува блиските пријатели цело време да се во тек со тоа што прават нивните пријатели.

Посебно интересна, а и малку загрижувачка за приватноста, е можноста за автоматско поставување на статус од страна на апликацијата, а таа тоа го прави врз основа на локацијата, движењето регистрирано од сензорите на телефонот, батеријата и слично.

Со автоматското поставување на статус, Threads следи и проценува што прави корисникот, па поставува статуси како „On the move“, „At a cafe“ и слично, но секако, точната локација никогаш нема да биде поставена.

Threads е достапна за сите корисници на Android и iOS и можете да ја симнете преку соодветните продавници за апликации.

ИЗВОРInstagram
ИЗВОР 2Engadget
Претходна статијаPayPal реши да излезе од Libra Association нa Facebook
Следна статијаКако Samsung го промени светот на дигиталната технологија?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.