Во времето на фотоапарати со филм, немаше никаква можност да се види фотографијата откако ќе биде сликната. Всушност, чекањето за да се видат фотографиите беше нависитна долго – најчесто требаше да се чека да заврши одморот кој сте го фотографирале, па потоа уште неколку денови за да го развиете филмот во омиленото фото студио.

Според многумина, ова беше времето кога фотографијата имаше „душа“, бидејќи луѓето поминуваа повеќе време во фотографирање, отколку во гледање на самите фотографии.

Денес, скоро секој од нас има стотици фотографии во нашите смартфони, а многумина трошат предолго време на бришење на неуспешните фотографии. Нова апликација за iPhone им овозможува на корисниците да ја почувствуваат магијата на фотографирање со апарат со филм, преку копирање на истиот процес, односно продолжување на времето на чекање пред да можете да ја видите фотографијата.

Апликацијата има многу мал „окулар“ низ кој може да гледате кога фотографирате, како Kodak апаратите од минатото и може да сликне 24 фотографии, пред да се „потроши филмот“. Да, таа има виртуелен филм и може да сликне само 24 фотографии, пред тој да треба да се „замени“. Замената трае неколку часови, кои откако ќе истечат можете повторно да фотографирате.

За развивање на самиот филм пак треба да поминат три денови. Поточно, апликацијата ќе ви ги прикаже фотографиите кои се ги сликнале дури после три дена – пред тоа нема никаква шанса да ги видите. Ова е веројатно и најдобрата функционалност на оваа апликација, која со ова го фокусира корисникот на фотографирањето, а не на прегледувањето на фотографиите.

Апликацијата инаку чини 1 долар за iOS и веќе има многу следбеници. Дали е за вас ќе треба сами да одлучите, но ако сте некој од постарата генерација и сте имале шанса да фотографирате со филмски фотоапарат, оваа апликација може да биде и многу интересна и носталгична.

Извор:Digital Trends, CNET, 9 to 5 Mac

Претходна статијаApple го потврди купувањето на Shazam
Следна статијаSamsung патентира облека со вграден полнач за вашиот смартфон