Шеесет и седмата верзија од Firefox прелистувачот е верзија која мора да се спомене посебно затоа што истата донесува доволно големи промени. Firefox повторно добива зголемување на брзината на работата, па ќе може да остане конкурентен на доста брзиот Google Chrome.

Firefox 67 е достапен официјално од вчера, а веќе до денес би требало да ја добиете надградбата.

Зголемувањето на брзината ќе го забележите веднаш уште при првото стартување на апликацијата. Mozilla го има променето начинот на стартување на апликацијата, односно посебните компоненти како што се додатоците, па преку прескокнување на одредени непотребни работи, како што истакнуваат од Mozilla, апликацијата многу побрзо се стартува.

Ова навистина е нешто што ќе го забележите по инсталирањето на најновата верзија, а исто така ќе го забележите и побрзото работење на прелистувачот и при отворањето на страните. Веднаш се забележува дека Firefox многу побрзо „реагира“ при почетокот на отворањето на страните, а потоа и целото отворање е забрзано.

Mozilla ова го постигнува со менување на редоследот на деловите од страната кои први се отвораат, односно се дава приоритет на работите кои се потребни на таа страна и тие кои корисникот би ги користел на тој вид на страна.

Од Mozilla истакнуваат дека може да се очекува побрзо отворање на страните од 40-80%, а ова сигурно ќе може да се забележи.

Firefox 67 исто така донесува и нови алатки за приватност. Покрај досегашната можност за блокирање на таканаречените „тракери“, Firefox сега овозможува и блокирање на „fingerprinting“ и „cryptomining“. Првото е начин на следење на корисниците при сурфањето, а втората е користење на компјутерот на корисникот за „копање“ на крипто валути без знаење и дозвола од корисникот.

Mozilla дефинитивно покажува дека нема да се предаде и покрај огромната разлика во пазарното учество што го има во споредба со Chrome. Тие додаваат уникатни функции, но и цело време го забрзуваат прелистувачот, со што се гарантира дека ќе остане права алтернатива на пазарот.

ИЗВОРMozilla
Претходна статијаНаправете паметна пресметка и заштедете енергија и пари
Следна статијаПретставени Honor 20 Pro и Honor 20 со четири камери на задната страна
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.