При претставувањето на Galaxy Note20 телефоните, Samsung презентира нова можност која ќе дојде ексклузивно кај овие модели, поврзана со одличната Your Phone апликација од Microsoft, која веќе одреден период доаѓа и интегрирана кај телефоните од Samsung.

Новата функција овозможува директно отворање на конкретна апликација од мобилниот, наместо потребата од прво да се вклучи екранот од телефонот на компјутерот, па потоа да се отвори саканата апликација. За таа цел, во Your Phone апликацијата на Windows 10 додадена е нова можност, наречена Apps, каде се прикажани иконите од сите инсталирани апликации на телефонот.

Уште повеќе корисно е што оваа нова функција им ја дава можноста на корисниците да ги прикажат најчесто користените апликации на врвот на листата, како и да ги постават како кратенка во Старт менито или на таскбар лентата од Windows 10. Со ова мобилните апликации ќе бидат достапни на само еден клик и ќе може да се користат заедно со десктоп апликациите.

Сепак, како што се сомневавме, оваа нова функција не функционира баш брзо и добро како што би сакале. Апликациите не се отвораат веднаш со еден клик, па прво го поминувате процесот на поврзување на екранот, како и претходно, па кога ќе го отклучите телефонот, ќе ви се прикаже директно апликацијата.

Иако ни е јасно дека мора да функционира на овој начин, сепак времето на чекање додека се поврзе екранот, за доста корисници ќе ја направи оваа функција не толку корисна, а посебно што кога ќе се исклучи, на телефонот останува вклучена таа апликација.

Како и да е, замислата е одлична, па доколку не ви пречи да почекате некоја секунда да се поврзе екранот на телефонот, па да го отклучите, сигурно ќе ви се најде во многу ситуации.

Не сите Samsung телефони ја добиваат оваа нова функција, па дали вашиот телефон е поддржан можете да проверите на листата на следниот линк.

ИЗВОРWindows Central
Претходна статијаSony ги објави цените и почетокот на продажбата за PlayStation 5 конзолата
Следна статијаIKEA и Asus работат заедно на претставување на евтин мебел и додатоци за гејмерите
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.