WhatsApp ја доби можноста, која кај повеќето конкуренти е од поодамна достапна, за измена на веќе испратените пораки. Оваа можност е одлична за ситуации кога е направена некоја грешка, како и кога нешто треба да се додаде дополнително.
Измената на пораките може да се направи со подолго притискање на пораката, па притискање на „Edit“, по што пораката ќе може да се измени.
Рокот во кој една порака ќе може да се измени е 15 минути од нејзиното испраќање, по што новата функција веќе нема да биде достапна, за таа порака.
Изменетите пораки ќе ја имаат ознаката „edited“, па корисниците ќе знаат дека пораките биле изменети. За разлика од Apple Messages, претходно направените измени во WhatsApp нема да бидат достапни, а ова е случајот со повеќето други апликации.
Од компанијата истакнуваат дека оваа новина веќе им станува достапна на корисниците, а сите можат да ја очекуваат во наредните неколку недели.
Од компанијата минатата недела ја пуштија можноста за заклучување на пораките, како начин за поголема приватноста за корисниците кои често го даваат телефонот на други.