Не се Apple единствената компанија која мораше да воведе одредени новини поради новите закони во ЕУ, поточно „Digital Markets Act“. WhatsApp е една од апликациите кои се означени како дел од компании „чувари“, па поради тоа мораат да воведат одредени промени врз основа на законот.
Во случајот со WhatsApp, тоа што мора да се воведе е можност за корисниците од другите сервиси за комуникација да можат да комуницираат со корисниците на оваа апликација. Дека од Meta работат на воведување на оваа можност можевме да прочитаме минатата година, а можноста беше откриена во кодот на бета верзиите од WhatsApp.
Сега, кога се ближи рокот за имплементација на промените, од компанијата официјално го потврдуваат ова, па имаме и неколку информации за како тоа ќе биде направено и што може да се очекува.
За почеток се најавува овозможување на пораки, слики, видео пораки, видеа и датотеки да се испраќаат помеѓу корисниците од различните сервиси.
Тоа што е клучно е што комуникацијата ќе може да се прави само помеѓу сервиси кои овозможуваат шифрирана комуникација, а од Meta ќе сакаат да ја потврдат безбедноста и приватноста на протоколот кој се користи. Тие ќе преферираат апликациите да го користат Signal протоколот, кој се користи од страна на WhatsApp, како и од најпознатата ваква апликација Signal.
Сепак, за сето ова да функционира ќе треба и другите сервиси, односно компании да сакаат да ја воведат поддршката, односно отворањето на WhatsApp не значи автоматски поддршка за било кој сервис.
До идниот месец, кога е и рокот за имплементација, ќе бидат објавени повеќе информации за начинот на функционирање, а ќе видиме и дали некој од другите сервиси ќе ја искористи можноста.