Почнувајќи од оваа недела, сите корисници на Firefox прелистувачот ќе ја имаат автоматски вклучено функцијата Total Cookie Protection. Досега за вклучување на оваа функција беше потребно користење на Strict нивото во Enhanced Tracking Protection или да се користи Private режимот.
Со оваа новина, сите корисници на десктоп верзијата од Firefox, поточно на Windows, macOS и Linux, ќе ја имаат предноста од дополнителна заштита на нивната приватност. На мобилните верзии оваа заштита е достапна преку Firefox Focus, а не беше баш јасно истакната достапноста на iOS.
Mozilla започна со воведување на функции за заштита на приватноста на корисниците од следење на страните кои ги отвораат уште во 2015 со воведување на Tracking Protection функцијата. Во 2018 функцијата беше унапредена и наречена Enhanced Tracking Protection, а од наредната година им беше автоматски вклучена на сите корисници. Со тек на време заштитата од „тракери“ доби и заштита од „fingerprinting“, како и од таканаречените „supercookies“.
Total Cookie Protection ја надоградува Enhanced Tracking Protection функцијата со целосно оневозможување на тракерите да ги следат навиките на корисниците. Поточно, иако заштитата од тракери ги блокира, тоа сепак го прави врз основа на листа, па не ретко се случува тие да успеат да ја поминат заштитата.
Total Cookie Protection ги штити корисниците од ова преку креирање на „тегли за колачиња“ во кои колачињата од страните се поставуваат во посебна тегла за секоја веб страна. Со ова, колачињата остануваат ограничени само на страната која ги има креирано, па со тоа тие ги задржуваат своите корисни намени, но не можат да имаат пристап до другите веб страни кои ги отвора корисникот.
Приватноста на корисниците е голема тема изминатите години, а досега не е најдено некое подобро решение. Одредено ниво на користење на колачиња за прикажување на реклами е корисно, но не значи дека е во ред да се има профил од онлајн навиките на корисникот само за да може да му се прикаже поважна реклама.