linux_chat

Skype пред два дена најави дека денес ќе има возбудливи новости за корисниците на Linux, а иако се надевавме, не очекувавме дека тоа сепак ќе биде конечно претставување на нова верзија од нивната апликација за оваа платформа.

Апликацијата е достапна од денес за симнување, но е во алфа верзија што значи дека има уште доста за развој, а фалат и доста можности кои со тек на време ќе стануваат достапни.

„Како што можете да погодите од името, Skype for Linux Alpha не е целосно функционален Skype клиент се’ уште. Го споделуваме со вас сега затоа што сакаме да го имате во вашите раце што е можно поскоро, за да можеме да продолжиме со развојот на новата верзија заедно. Кога ќе ја симнете апликацијата, ќе забележите дека е многу различна од Skype for Linux клиентот којшто го користите денеска. На пример, сега ќе го користите најновиот, најбрзиот и најреспонсивниот Skype UI, за да можете да споделувате фајлови, фотографии, видеа и цела низа на нови емотикони со вашите пријатели.“

Новата апликација сепак не е развиена целосно од почеток за Linux. Се работи за webRTC верзија, односно верзијата развивана да работи преку веб, прилагодена како апликација за Linux.

Тоа сепак не го намалува значењето на оваа новост. Старата Skype апликација за Linux корисниците, не само што ги нема новите функции, направена е со корисничкиот интерфејс кој одамна е променет на другите платформи. Корисниците сега добиваат модерна верзија која е во тек со другите.

Skype for Linux Alpha можете да ја симнете преку следните линкови:

Skype for Linux Alpha DEB

Skype for Linux Alpha RPM

Од Skype исто така објавија дека корисниците на Chrome OS или Chrome на Linux, ќе можат да ја користат веб верзијата од Skype за правење на повици. Се работи за исто така алфа верзија, па корисниците треба да очекуваат потенцијални проблеми при користењето.

Извор: Skype, OMG! Ubuntu, VB

Претходна статијаWIZZ AIR објави договор од 2,5 милијарди долари со PRATT&WHITNEY за купување мотори за своите авиони
Следна статијаBitTorrent ќе започне сопствен канал за вести во живо наречен BitTorrent News
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.