Со пуштањето на iOS 18 при крајот на септември, корисниците на Apple официјално и конечно добија поддршка за RCS протоколот кој на Android страната е пуштен како модерна замена за SMS. Ова е нешто што Apple одамна го направи за своите корисници со iMessage протоколот, па додавањето на RCS овозможува модерна комуникација и со Android корисниците, кога е во прашање стандардната апликација која се користи за SMS пораки.
Samsung објави статија во која тие заедно со Google посакуваат добредојде на оваа новина, односно на новата ера на комуникација помеѓу платформите. Тие во статијата ги истакнуваат предностите на RCS во споредба со SMS, како што се слики во висока резолуција, реакции на пораките, понапредни групни разговори и слично.
На крајот од објавата, со мали букви, од компанијата сепак истакнуваат дека RCS поддршката не е баш целосно направена како што треба од страна на Apple. Тие истакнуваат дека разговорите се шифрирани само кога разговараат Android со Android, но не и со iPhone.
Причината за тоа е што Apple ја користи официјалната верзија од RCS од GSMA организацијата, која стои зад развојот на овој протокол, верзија која се’ уште нема поддршка за шифрирање на разговорите.
Тоа сепак нема да остане така па од организацијата најавија дека работат на воведување на популарното „од-крај-до-крај“ шифрирање на пораките, но засега нема информација кога може да се очекува пуштањето на новата верзија од RCS.
Треба да се истакне и дека Samsung Messages нема поддршка за шифрирани разговори, но затоа Samsung веќе одреден период ја додава Google Messages како главна апликација за пораки кај нивните уреди. Само изменетата верзија од RCS од страна на Google доаѓа со поддршка за шифрирани разговори.