Netflix апликацијата за телевизорите доби можност за измена на изгледот, односно стилот на преводите, нешто што досега можеше да се прави само преку веб страната од сервисот.
Корисниците, кои според статистиките најмногу гледаат Netflix преку телевизорите и никогаш не ја ни отвораат веб страната, сега ќе може да го прилагодат своето корисничко искуство при гледањето на содржината.
Достапни се три големини на буквите, мала, средна и голема, како и четири стилови, односно стандардниот, црна позадина со бел текст, црна позадина со жолт текст и бела позадина со црн текст.
Ова е секако помал избор од тој на веб страната каде може да се направат повеќе промени, но на телевизорите и не треба да се очекува повеќе.