Vivaldi е интернет прелистувач направен од страна на поранешни вработени во Opera кои не беа задоволни од правецот во којшто отиде овој едно време многу популарен прелистувач.

Направен на основа на Chromium, што значи дека ја има неговата брзина и компатибилност со веб стандардите, Vivaldi им овозможува на корисници низа на прилагодувања кои обично не се карактеристични кај конкуренцијата. Со тоа може да се каже дека Vivaldi ги „таргетира“ старите корисници на Opera кои беа навикнати и ги користеа големиот број на опции кои ги нудеше овој прелистувач.

После неколку години дури сега Vivaldi станува достапен на Android. За почеток во бета верзија, но доволно стабилна и развиена за да заинтересираните корисници можат слободно да почнат да ја користат.

Мене лично овој прелистувач не успева да ми привлече доволно внимание за да го замени мојот главен, Firefox, но за корисниците на Vivaldi на десктоп, ова е секако добра вест и верувам дека нема да чекаат и веднаш ќе почнат да го користат и на Android.

Иако не се достапни баш сите функции од десктоп верзијата, сепак Vivaldi на Android доаѓа со препознатливиот кориснички интерфејс, а тоа посебно важи за почетна страна. На истата се достапни омилените страни кои корисниците можат да ги организираат според нивните желби.

Тука е и можноста за зачувување на белешки директно во прелистувачот, како и зачувување на слики од екранот кои потоа може да се споделат. Сето ова ќе може да се синхронизира со десктоп верзијата.

Популарно во денешно време, Vivaldi доаѓа со поддршка за темна тема, што мене лично ми има станато функција која прави разлика дали ќе користам некоја апликација.

Vivaldi за Android можете да го симнете преку Play Store преку овој линк.

ИЗВОРTNW
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаMicrosoft работи на Linux верзија од Microsoft Teams
Следна статијаА1 Македонија го воведува “А1 Флекси” – флексибилен модел на работа
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.