Chrome Sync функцијата ќе престане да функционира за корисниците кои користат постара од четири години верзија од Google Chrome прелистувачот. Оваа промена ќе започне да се применува од почетокот на оваа година, но од компанијата не дадоа поконкретна дата.
Иако се ретки, сепак има корисници кои поради одредени причини го немаат ажурирано својот прелистувач, па доколку тоа продолжат да го прават и оваа година, веќе нема да можат ги синхронизираат своите податоци со нивната Google сметка.
Chrome Sync ги синхронизира податоците како омилени страни, лозинки, прилагодувања, отворени „табови“, историја на сурфање, веб апликации, екстензии и слично, со Google сметката и истите се достапни на другите уреди на кои корисникот ќе се најави со истата сметка.
Ова е доста корисно, посебно за корисниците кои имаат повеќе уреди, а ги користат сите овие податоци кои се синхронизираат.
„Почнувајќи од почетокот на 2025 година, Chrome Sync (користење и зачувување податоци во вашата Google сметка) ќе престане да работи на верзии на Chrome постари од четири години. Ако користите верзија на Chrome која е постара од четири години, може да почнете да гледате порака за грешка: „Ажурирајте го Chrome за да започнете синхронизација“ или „Ажурирајте го Chrome за да продолжите да ги користите податоците од Chrome во вашата Google сметка“.“ – истакнуваат од Google.
Доколку поради некоја причина не сте во можност да го ажурирате Chrome, тогаш се препорачува да почнете да користите некоја алтернатива или да бидете подготвени дека Chrome Sync функцијата веќе нема да можете да ја користите.