Google го претстави RCS системот како еден вид на замена на застарениот SMS, но кратко кажано може да се каже дека се работи за одговор на iMessage системот од Apple.
Исто како кај конкурентот од Купертино, Android корисниците добија нов и модерен протокол кој е вграден во апликациите за SMS од телефоните и на корисниците им овозможува испраќање на подолги пораки, информација за пишување на другата страна, испраќање на слики и слично. Кога не е достапна интернет конекција, исто како на iPhone, пораката се испраќа преку SMS.
RCS протоколот беше претставен во 2018, а до 2020 беше целосно прифатен од повеќето оператори во светот, вклучувајќи ги и нашите.
Google го користи овој протокол во нивната Messages апликација, која доста корисници ја користат за SMS пораки. Истата пред две години доби заштита на пораките испратени преку RCS протоколот преку нивно шифрирање, па корисниците можат да бидат сигурни дека никој што не треба не би можел да ги прочита пораките.
Дури сега, после две години корисниците почнаа да забележуваат дека шифрирањето се користи и за групните разговори во Google Messages. Од компанијата се’ уште ја немаат потврдено информацијата, но тоа се очекува наскоро.
Со додавањето на шифрирани групни разговори кога се разговара преку RCS протоколот, Google Messages станува сериозна алтернатива на другите апликации за разговори, а посебно за корисниците кои ја ценат приватноста.