508800-pokemon-go

Телефонот ви вибрира, го вадите надвор и нешто светка. Притискате на екранот и ви се вклучува надградена реалност преку која пред вас скока еден Покемон. Влечете со прстот за да ја фрлите Поке-топката која пак го заробува Покемонот пред вас. И тоа не е сè!

Ако влезете во Покемон Гимназиум (Pokémon Gym) можете да го предизвикате „газдата“ кој го брани, но за да можете да го направите тоа прво мора да стигнете до 5-то ниво кога ви се отвора опцијата да одберете на која фракција ќе припаднете, Team Valor, Team Mystic и Team Instinct…

Што е со целава Покемон хистерија и дали треба да ве интересира?!

Како дојде до Pokémon Go

Еден убав (сончев…) ден во 2014 г. на Сатору Ивата, еден од претседателите на Nintendo, и Цунеказу Ишихара, од The Pokémon Company, им текна на една првоаприлска шега која би се извела во соработка со Google. Со оглед на тоа дека Nintendo уште претходно работеа на нивната игра Ingress која исто така вклучуваше надградена реалност, немаше позначајни проблеми за имплементација бидејќи инфраструктурата веќе беше скоро поставена.

Развитокот на играта траеше две години и, секако, базиран на Ingress. Впрочем, точките од интерес на едната игра се префрлени во Покемони на Pokémon Go. На 4-ти март оваа година се објави првата бета верзија само на територијата на Јапонија, а потоа се прошири и на други територии.

Конечно, на датумот на официјална објава, Pokémon Go можеше да се игра во Јапонија, САД, Австралија и Нов Зеланд. Поради страшната хистерија која настана поради играта во овие земји од која серверите беа блокирани, од Nintendo одлучија да го паузираат лансирањето за другите држави од Европа, како и за Канада, Хонг Конг и други.

Моментално Nintendo работи на лансирање на играта и на други територии.

Зошто Pokémon Go предизвикува толкава хистерија

Е зошто де?! Шала на страна, се работи за интересен спој меѓу вистинската и виртуелната реалност. Тоа во новиот речник се вика надградена реалност (augmented reality), каде технологијата додава слој врз материјалниот свет.

Во случајот на Pokémon Go тоа е изведено на начин што преку GPS играта ве познава каде се наоѓате, а преку жироскопот и гравиметарот осеќа накаде се вртите. Така играта може да ви прикаже Покемон таму каде што гледате со камерата, а тој – секако – не постои вистински таму.

Тој ви скока и намига, а во реалниот свет го нема. Оваа комбинација на нешто „магично“ и „неверојатно“ е главниот состав на магичниот сос кој го има играта и кој прави да биде толку привлечна. Вториот дел од магичниот сос е концептот на добивање поени и ранговен систем за тоа колку Покемони ќе успеете да заробите, во комбинација со некои специјални Покемони.

Сето тоа резултира во милиони луѓе кои трчаат низ улици и ловат Покемони како споулавени.

Што (ќе) значи Pokémon Go за иднината на технологијата

pokemon-go-compilation_2058.0.0

Веројатно сте при искушение да одмавнете со раката и да си речете дека оваа игра е само привремен феномен кој ќе помине, и генерално ќе бидете во право. Сепак, имајте предвид дека феномените во областа на надградена реалност ќе се појавуваат сè почесто. Прво како игри, потоа како фарса.

Имено, би очекувал во следните 10 години да излегуваат сè повеќе вакви апликации кои заедно со уреди како Oculus Rift ќе стануваат понапредни и поспособни да ја надградуваат реалноста. На крајот верувам дека ќе успеат да изградат огромни надградени светови врз „регуларната“ наша реалност и со тоа да ја стопат разликата меѓу двете.

Pokémon Go може да ви изгледа како ништо посебно бидејќи вистина и не е ништо посебно – во споредба со тоа во што ќе прерасне оваа технологија. Засега е окупација за недораснати деца и притоа смешно глупава, но не за долго. Памтете ми го зборот и се гледаме за 10-тина години – во другиот свет.

Дополнителни информации: Wikipedia, Slate, The Mary Sue, IGN, BGR

Претходна статијаFacebook Messenger ќе овозможи зголемување на „емоџи“ иконите
Следна статијаНовите Nexus уреди ќе вклучуваат промени во главниот екран на Android?