Parallels-Desktop-9

Parallels Desktop 9 е програма за виртуелизација, односно креирање на виртуелни машини на OS X. Преку неа може да подигнете инсталации на Windows, Linux и Chrome OS на вашиот Mac компјутер. Доколку не сте запознаени со програмите за виртуелизација, истите креираат виртуелна средина во вашиот оперативен систем, користат од ресурсите на компјутерот и инсталираат друг оперативен систем внатре во постоечкиот. Новиот оперативен систем функционира како и секоја друга програма и не се инсталира како посебен оперативен систем на дискот.

Новата верзија на Parallels Desktop донесува поддршка за OS X Mavericks, како и поддршка за инсталација на Windows 8.1. Parallels Desktop автоматски ги детектира фајловите (ISO/DMG) од оперативните системи што ги имате на вашиот диск, флеш драјв или CD/DVD, па лесно можете да започнете со инсталација. Исто така инсталацијата на Windows 8.1 (бета верзија) е интегрирана во самата програма и истата генерира лиценца, па инсталацијата е доста лесна и брза.

Parallels Desktop има неколку интересни функции што го прават користењето на Windows пофункционално. Програмите Start8 и ModernMix се интегрирани со инсталацијата и функцијата што ја извршуваат со оваа виртуелна машина е наречена Windows 7 Look. Со користење на Windows 7 Look добивате Старт Копче и можност за користење на Windows 8 апликациите во намален прозорец во десктоп околината. Исто така Parallel има поддршка за iCloud, Dropbox, Google Drive, Photostream и SkyDrive, па папките на овие сервиси се појавуваат и во File Manager-от на Windows. Доколку работите со истите фајлови, Parallels го детектира истото, па нема да дозволи да се направат дупликати од истите. Parallels ја користи новата можност на OS X Mavericks за повеќе монитори, па можете да работите со вашиот Mac десктоп на еден монитор и со Windows 8 на целиот екран на друг монитор.

Новата верзија исто така доаѓа со зголемени перформанси, па според програмерите истите се:

40% подобри перформанси на дискот, 25% побрзо гасење на вритуелната машина, 15% подобри 3D графички перформанси и сурфање на интернет.

Цената на Parallels Desktop 9 e $79.99 за сите нови корисници и $49.99 доколку правите надградба од претходната верзија.

Претходна статијаTellSpec – геџет кој ќе ви ги открие сите состојки на храната
Следна статијаNokia HERE Maps ќе прави делумно ажурирање на симнатите мапи
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.