Nothing, поточно основачот Карл Пеи, во негов веќе препознатлив стил, ја најави новата апликација од компанијата која требаше да биде ексклузивно достапна за корисниците на Phone (2).
Nothing Chats беше претставена како iMessage за Android, односно апликација која ќе им овозможи на Android корисниците да комуницираат со своите Apple корисници и нивната Messages апликација.
Сините и зелените меурчиња во апликацијата се интересна ситуација во САД, а според некои iMessage е голем фактор во тоа зошто некои корисници не им даваат шанса на Android конкурентите.
Ова беше и целта на Nothing Chats, да на корисниците им овозможи да го променат својот телефон и да можат да ја задржат комуникацијата преку iMessage протоколот.
Апликацијата беше пуштена пред неколку денови, односно во петокот, но истата веќе е повлечена од Play Store. Причината за тоа? Нешто што може да се каже дека беше очекувано, апликацијата не овозможува шифрирана комуникација и покрај најавите на Пеи дека тоа ќе биде случајот.
Требаше трети страни да ја тестираат апликацијата за да дојдат до ова откритие, односно Nothing не планираше истото да го открие.
Како додатен проблем се сметаше и начинот на функционирање на апликацијата, односно апликацијата Sunbird на чија основа е направена. Истата функционира со поголем број на Mac mini компјутери на кои се прават Apple сметките, па корисниците сепак не ја добиваат стандардната Apple „гаранција“ за приватност и заштита на податоците.
Nothing преку X најави дека апликацијата е тргната за да се „испеглаат“ одредени грешки, но корисниците додадоа објаснување преку Community Notes дека случајот е посериозен.
Дали може да се очекува средување на апликацијата и нејзино враќање, не е познато, но може да се каже дека веќе потребата од истата е тргната со најавата на Apple дека ќе ја додадат долгоочекуваната поддршка за RCS во нивната Messages апликација.