PMG_Hero_O16_PreviewPage_1600x465

Office 2016 е наредната верзија од овој популарен пакет на програми на кој што не му е потребно претставување. Веќе повеќе месеци достапна е Preview верзија која што сите заинтересирани корисници може да ја тестираат, а од оваа недела конечно објавена е и датата на достапноста на финалната верзија.

Официјално, Office 2016 ќе стане достапен за корисниците почнувајќи од 22-ри септември.

Веќе одреден период Office може да се користи на два начина, односно стандардниот кој што вклучува купување и симнување на една копија од програмите за инсталирање или преку Office 365 што вклучува модел на месечна претплата.

Како и обично, купувањето на некоја од верзиите на Office овозможува користење на програмите неограничено, меѓутоа при излегување на нова верзија, корисниците потребно е да ја купат истата. Office 365 моделот од друга страна, поради континуираното плаќање за користење на програмите, овозможува користење на најновата верзија во секое време.

Ова значи дека корисниците на Office 365 ќе почнат да ја добиваат новата верзија во текот на неделата кога истата ќе стане достапна. Исто така, доколку веќе ја користите Preview верзијата, истата автоматски ќе биде надградена на финалната.

Корисниците на некој од пакетите на Office 365 за деловни корисници, ќе имаат можност да ја одложат надградбата и истата да ја тестираат. Надградбите за деловните корисници ќе бидат исти како тие на Windows 10, односно ќе се добиваат надградби со нови функции 3 пати годишно, а во остатокот од годината ќе се добиваа редовните безбедносни надградби.

Инаку, Office 2016 донесува повеќе новини, кои што го задржуваат познатото корисничко искуство, како и корисничкиот интерфејс.

Она што прво може да се забележи е додавањето на дополнителна тема на изгледот на програмите, односно секоја од нив добива сопствена боја на горниот дел. Се разбира корисниците ќе можат да направат промени, односно да го вратат постариот изглед доколку сакаат.

Оваа верзија исто така донесува подобра интеграција со OneDrive, што овозможува зачувување на документите во облакот и подобар пристап до нив од други уреди.

Воведена е и можноста за работа на исти документи во вистинско време, нешто што одамна е достапно во онлајн верзиите, па може да се каже дека се работи за навистина корисен додаток.

Извор: Microsoft

Претходна статијаOS X El Capitan достапен од 30-ти септември
Следна статијаAsus ROG Swift – ултра широк и заоблен 34 инчен монитор за гејмерите
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.