Пет години по дополнувањето на функционалноста на Microsoft Authenticator апликацијата, со можноста за генерирање, чување и пополнување на лозинки, сега од компанијата ја тргаат оваа функција. 

Апликацијата ќе продолжи да функционира со својата основна намена, а тоа е генерирање на еднократни кодови за дво-факторска автентикација, за испраќање на известувања за најава на Microsoft сметките, како и за „passkeys“. 

Лозинките кои се моментално достапни во Authenticator се синхронизирани со Microsoft сметката на корисникот, што значи истите нема да бидат избришани. Тие ќе бидат достапни во Edge прелистувачот, кој ќе ја преземе функционалноста за пополнување на лозинките од Authenticator.

Корисниците ќе треба да го изберат Microsoft Edge во прилагодувањата од нивниот уред, на местото на Authenticator, како главна апликација за пополнување на лозинките. 

Една работа која нема да биде зачувана е историјата на генерирани лозинки, па корисниците ќе треба да ги зачуваат доколку им се потребни. 

Секако, достапна е и можноста лозинките да бидат зачувани во датотека со цел да бидат префрлени на некоја друга апликација, како Bitwarden, 1Password и слични. 

Процесот на тргање на функцијата од Authenticator ќе започне од јуни оваа година кога ќе биде тргната можноста да се зачуваат нови лозинки во апликацијата. Потоа, во јули апликацијата веќе нема да може да се користи за пополнување на лозинките, по што од август лозинките веќе нема да бидат прикажувани во апликацијата. 

ИЗВОРAndroid Police
Претходна статијаНаредната верзија од Material Design е „експресивна“ и полна со практични промени
Следна статијаGoogle ќе овозможи пристап до Gemini за корисници под 13 години
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.