Microsoft Authenticator е апликација достапна на Android и iOS која се користи за онлајн сметки на кои е вклучена дво-факторската автентикација. Преку оваа апликација се добиваат кодовите кои се внесуваат покрај лозинката, а за Microsoft сметките може да се добие известување со цел одобрување на најавата.

Оваа апликација изгледа ќе ја прошири својата функционалност со додавање на поддршка за чување на лозинки. Според тоа што може да се види од тестирањето на оваа можност во бета верзијата од апликацијата, таа нема да функционира класично како другите апликации за чување на лозинки.

Microsoft Authenticator ќе може да ги синхронизира лозинките од Microsoft Edge, што значи дека оваа нова функција е наменета за корисниците кои го користат Edge и ги чуваат нивните лозинки на него.

Иако постои можност за нивно синхронизирање со Edge на мобилните, сепак Microsoft изгледа сака да им овозможи на тие корисници можност да ги користат тие лозинки и за најавување на апликации, не само во прелистувач, како и можност за нивно полесно прегледување од мобилен.

Од тоа што може да се види, оваа нова можност, иако корисна, нема да ги има некои од додатните корисни функции од апликациите за чување на лозинки. Microsoft Authenticator нема да има можност за чување на платежни картички и други информации, па мали се шансите дека оваа нова функција ќе ги привлече корисниците на 1Password, LastPass и другите.

Без разлика на тоа, за тие кои веќе го користат Edge и не користат други апликации за лозинки, ова е одличен додаток кој ќе им го подобри искуството и ќе ја намали потребата од користење на друга апликација.

Нема информации кога оваа нова функција би станала дел од официјалната верзија од Microsoft Authenticator, но штом веќе се појавува кај повеќе корисници на бета верзијата, сигурно ќе биде наскоро.

ИЗВОРWindows Central
Претходна статија2021 година и целосно прилагодено технолошко искуство на корисникот
Следна статијаКампањата „Посреќна 2021! ЗА СИТЕ“ на „Лице в лице“ ја започнуваат актерите од „Преспав“
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.