about-phone

MarkO е нова апликација од македонската компанија CodeWell, чии што апликации и проекти ви се веќе сигурно познати. Се работи за едноставна за користење, но корисна апликација, чија што намена е да ве потсети да направите нешто, односно апликација која што ви помага да извршите одредени задачи. Можеби ќе си помислите дека вакви апликации има колку што сакате, па доста од нив се и навистина добри, меѓутоа MarkO се разликува од повеќето нив и според нас е можеби меѓу ретките навистина корисни вакви апликации.

Повеќето апликации кои што се наменети да ве потсетат да направите нешто, се базираат на избирање на време кога би сакале да бидете потсетени. Меѓутоа од наше искуство, повеќето ситуации кога навистина би ни било корисно да бидеме потсетени, се ситуации кога не сме секогаш сигурни во кое време точно ќе се случат. Мислиме на ситуациите кога купувате нешто во супермаркет, на пример, па често ви се случува да не можете да се сетите на таа една работа која што сте сакале да ја купите, па ќе ви текне повторно кога ќе дојдете дома.

MarkO работи на база на следење на вашата локација, па потсетниците функционираат врз основа на тоа каде се наоѓате, а не колку е часот или кој е денот. Па така, можете да креирате потсетник кој што ќе ве извести да купите нешто, секогаш кога ќе бидете во близина на некој супермаркет. Апликацијата е доволно паметна да можете да изберете ваква генерална категорија на локација, па не мора секогаш да ја знаете точната адреса или локација на местото кое што ви е потребно. Исто така, не секогаш тоа што сакате да го направите се наоѓа баш на една локација, односно супермаркети има низ целиот град, па зошто мора да изберете само еден. Се разбира можноста за избирање на конкретна, една локација е тука, па потсетниците можете да ги креирате и врз основа на нив.

marko-screens

Со MarkO исто така можете и да ги споделувате вашите задачи, па на многу едноставен начин да потсетите некој друг да направи нешто. Веднаш ни текнува на ситуација, како на некој член од фамилијата му давате задача да купи нешто кога ќе стигне дома, каде што е лоцирана вашата маалска продавница.

Моментално MarkO е достапна за корисниците на Android во бета верзија, а за да ја симнете треба да се регистрирате на официјалната страна. По завршување на тест периодот, сите корисниците ќе можат да ја симнат преку Play продавницата. MarkO во иднина ќе биде достапна и за корисниците на iOS, а планирани се верзии и за уредите за носење, како паметните часовници или Google Glass.

Претходна статија„Помина премногу време“: Apple закажа настан за 16-ти Октомври
Следна статијаИнтеракција со мобилните телефони преку ултрасоничен сензор
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.