xAI е уште една од компаниите кои ги има Елон Маск, а оваа како што може да се заклучи од името работи со развој на генеративна вештачка интелигенција и големи јазични модели. Со оглед на тоа што Маск беше еден од основачите на OpenAI, не чуди продолжувањето на работата во оваа област.
Grok е името на „четботот“ кој е развиен од xAI, а беше претставен пред една година. Доколку се гледаат коментарите и интервјуата од Маск, Grok е наводно многу поспособен од конкурентите, но мислам дека нема доволно корисници за да може да се провери тоа тврдење.
Овој „четбот“ моментално е достапен за користење преку X, но нема бесплатна верзија, односно достапен им е само на корисниците кои плаќаат за друштвената мрежа.
Според неофицијалните информации, Grok наскоро треба да стане достапен преку посебна апликација, а наводно тоа би се случило веќе идниот месец.
Со достапноста како посебна апликација Grok може да го добие вниманието кое е потребно, па можно е повеќе корисници да му дадат шанса и да почнат да го користат.
Тоа посебно би бил случајот доколку биде пуштен бесплатен пристап со ограничувања, како што е случајот со сите конкуренти, односно ChatGPT од OpenAI, Gemini од Google, како и Claude од Anthropic.