Apple минатата година потврди дека конечно ќе додаде поддршка за RCS протоколот во нивната Messages апликација. Наједноставна споредба за што е RCS протоколот е со iMessages протоколот од Apple, односно протокол кој овозможува модерна и заштитена комуникација преку апликациите за SMS.
Сите претпоставки одат во правец на тоа дека поддршката за RCS Apple ја планира за есен, односно со наредната верзија од iOS и другите оперативни системи од компанијата.
Google изгледа ја потврди оваа информација, но истата сега не е баш достапна. На страната каде што треба да ја има сега е тргната, но се’ уште може да се види дел од неа на резултатите од пребарување преку Google Search. Се очекува и тука веќе да не биде достапна.
Како и да е, информацијата гласи: „Apple најави дека ќе го прифати RCS во есента во 2024. Кога тоа ќе се случи, ќе значи подобро искуство за пораки за сите.“
Оваа информација оди во прилог на очекувањата, односно есента, поточно почетокот на истата, е периодот кога Apple ги претставува наредните iPhone телефони, а тогаш ги пушта и финалните верзии од оперативните системи.
Не е познато засега дали RCS поддршката ќе биде пуштена во бета верзиите од iOS 18 или за оваа функција Apple ќе остават да почекаме до официјалното пуштање на финалните верзии.