Откривањето на злоупотребите кои се правени од страна на познатата екстензија Honey минатата година доведе до промена на програмските политики на продавницата за екстензии за Chrome прелистувачот.
Иако случајот со Honey никаде не се споменува, не ни може, јасно е дека овој познат случај е тој кој предизвика промени.
Екстензиите кои се додаваат во Chrome Web Store, според новите правила за партнерски реклами, сега ќе мора доста детално да бидат опишани во продавницата, како и пред инсталацијата. Сите партнерски линкови, код или колачиња сега ќе мора да се користат само кога ќе биде докажано дека тие му нудат на корисникот директна корист, а посебно се истакнува дека ништо од ова не смее да се прави без знаење на корисникот.
Honey, кои во 2020 беа купени од страна на PayPal станаа доста познати по едноставниот начин на откривање на кодови за попуст, но минатата година се откри дека од компанијата сакале доста да си го зголемат профитот преку злоупотреба.
Екстензијата „е фатена“ како во последен момент ги вметнува нивните партнерски линкови пред купување на производ, со цел да ја добијат провизијата, а со тоа ги имаат оштетено голем број на инфлуенсери и слично кои со тоа ја изгубиле својата провизија.
Ова е само една од неколку вакви практики кои беа откриени за Honey, па со најновите промени од страна на Google, екстензијата ќе биде тргната од продавницата доколку продолжат на ист начин.