Google ја врати популарноста на својата апликација за SMS пораки, Messages, со воведувањето на новиот систем наречен RCS. Со овој систем, за кој поддршка дадоа операторите, корисниците можат да испраќаат поголеми пораки преку Google Messages, можат да гледаат кога другата страна пишува, кога ја има видено пораката, како и да испраќаат слики. Ова се карактеристики кои се стандардни кај останатите апликации за пораки, па Google ги воведе и кај оваа апликација која беше наменета за застарениот SMS систем.

Во основа, Google со ова пушти конкуренција на Apple Messages апликацијата која на корисниците им го овозможува истото искуство, односно напредни можности кога се користи интернет, а обичен SMS кога не е достапна интернет конекција.

Со тек на време Google го унапредуваше овој нов систем, па минатата година додаде и целосно шифрирање на разговорите. Со тоа корисниците можат да бидат сигурни дека нивните разговори нема да може да ги прочита никој, па дури ни Google. Ова секако важи само за разговорите направени преку RCS системот, но не и преку SMS.

Шифрираните разговори сега доаѓаат и кај групните разговори преку Google Messages, па корисниците кои ја користат оваа апликација како главен начин за комуницирање со своите пријатели и семејство, сега можат да бидат сигурни дека било кој вид на разговор ќе им биде заштитен.

Од Google истакнуваат дека оваа новина е пуштена за корисниците на бета верзијата од апликацијата, а во периодот што следи може да се очекува достапност за сите корисниците.

Google Messages исто така доби можност за реакција на пораките со било која „емоџи“ икона. Ова досега беше ограничено само на неколку икони кои беа избрани како стандардни од Google.

ИЗВОРXDA-Developers
ИЗВОР 2Google
Претходна статијаAirbus започна со развој на мотор за авиони со погон на водородни горивни ќелии
Следна статијаСостанокот помеѓу Маск и Тим Кук ги реши проблемите помеѓу Twitter и Apple
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.